Во хрватскиот град Книн денеска ќе се одржи централна церемонија по повод 26 -годишнината од воено -полициската операција „Бура“, која во таа земја се слави како Ден на победата и благодарноста на татковината и како Ден на хрватските ветерани.
Централната церемонија по повод дводневната прослава на „Бура“ ќе се одржи на стадионот на фудбалскиот клуб „Динара“ во Книн.
Најавено е и учество на премиерот Андреј Пленковиќ и некои членови на владата, но годинава на тој настан нема да има претставници на српското национално малцинство, бидејќи хрватскиот вицепремиер од Независната демократска српска партија, Борис Милошевиќ, нема да оди во Книн.
Поради епидемиолошките мерки, манифестацијата ќе биде нешто поразлична од претходните години, а една од промените е дека централната церемонија ќе биде преместена од централниот градски плоштад во Книн на стадионот „Динара“.
Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ синоќа ги одликуваше пензионираните генерали на поранешниот Хрватски совет за одбрана (ХСО) и воената полиција (ХВО), кои беа активни во БиХ за време на војната, на приемот одржан во Книнската тврдина.
Во воено-полициската акција „Бура“, која почна на 4 август 1995 година, со нападот врз тогашната Република Српска Краина, беа убиени речиси 2.000 Срби, а 220.000 беа протерани.