Денеска на ТВ Алфа се појави црн екран со информација дека ќе емитува вести со скратено време. Причина за тоа е што вработените и хонорарците во ТВ Алфа не се исплатени повеќе месеци.
Фронтлајн на 11 август објави дека вработените испратиле писмо до менаџерот на ТВ Алфа, Јане Бојаџи и до акционерите на ТРД Алфа ТВ, со предупредување дека од 16 август (денеска) снимателите веќе нема да одат на терен, а дека информативните содржини ќе бидат скратени.
Според приложеното, јасно е дека двете плати не се исплатени, а некои вработени дури се заканиле дека ќе откријат сè, ако не пуштат пари.
Дали секнаа парите од „Оливери“ маслото од Будимпешта или нешто друго е во прашање, наскоро ќе дознаеме, наскоро ќе обелоденат и самите вработени, доколку не им биде задоволено загарантираното право на ПЛАТА.
Причината за ова, како што се наведува во писмото потпишано со „Вработените во Алфа ТВ“, меѓу кои се и уредниците и новинарите, како и камерманите и реализаторите на програмата, е заостанување на две плати, здравствено осигурување и хонорари за три месеци, што „создаде револт кај вработените“. На состанокот на кој биле најголем дел од вработените, донесена била одлука за „преземање на први чекори за заштита на нивните елементарни права“, како што стои во писмото.
Стана вообичаено ТВ Алфа да не им плаќа на своите вработени. Така, дури и финансиската помош од Владата за санирање на последиците од Ковид-19 не ја исплатија навремено на своите вработени, туку тоа го направија само откако се појавија на списокот на УЈП за фирми што примиле финансиска помош, а не ги исплатиле вработените.
Фронтлајн дознава дека менаџментот на ТВ Алфа „долетал“ од Будимпешта и во моментов ги убедуваат вработените дека платите ќе бидат исплатени.
Своевремено, Фронтлајн пишуваше за шемата како медиумите на ВМРО-ДПМНЕ станале унгарски пропагандисти. Своевремено, јавноста дозна и за тоа дека финансиската полиција и обвинителството ја следат трагата на унгарските пари во македонските медиуми, меѓу кои Алфа ТВ е една од најекспонираните, како што објавија низа истражувачки медиуми во земјава и во странство.
До каде е таа истрага не е познато, но очигледно е дека нешто не е в ред со касата на оваа телевизија позната по својата црна пропаганда.
Д. Е.