Одлична игра, одлични резултати и пласман во полуфиналето за нашиот најталентиран тенисер Калин Ивановски на силниот турнир од највисоката „Ј1” категорија, во американскиот град Колеџ Парк, во сојузната држава Мериленд, САД. (College Park, Maryland, USA). По Гренд-слем турнирите, ‘Ј1’ е највисока категорија турнири на коишто настапуваат најдобрите тенисери во светот во јуниорска конкуренција.
По трите победи во првите три кола против тројца американски тенисери, Николас Годсик, Адитја Ганесан и Себастијан Сек (Nicholas Godsick, Adhithya Ganesan, Sebastian Sec), Ивановски во четвртфиналето предизвика големо изненадување и по тешка борба во три сета, извојува победа против фаворизираниот Парагваец Адолфо Даниел Вајехо (Adolfo Daniel Vallejo), кој е 23-ти на листата на Меѓународната тениска федерација (ITF – International Tennis Federation). Резултатот по сетови беше 6-4 ; 3-6 ; 6-3.
Седумнаесетгодишниот Калин Ивановски на јуниорската светска ITF ранг листа моментално е на високото 47-мо место. Со оваа победа Калин веќе обезбеди нови 80 поени и ќе напредува на таа листа за околу 10-15 позиции.
Сепак, ова не е крајниот лимит за Калин. Тој на овој турнир отиде со многу верба и оптимизам и во него има знаење и сили за нови успеси и нови победи. Прва следна шанса ќе има во денешното полуфинале против Американецот Рајан Колби (Ryan Colby). Евентуална победа би значела дополнителни 70 поени и нов напредок на листата на најдобри јуниори во светот.
Почетокот на мечот е околу 16 часот по македонско време. Во второто полуфинале од денешната програма ќе играат Алваро Гуијен Меза и Марк Лаџал (Alvaro Guillen Meza – ECU, Mark Lajal – EST).
Ацо Лукароски
Ексклузивно за Фронтлајн