пишува: БОРЧЕ БОКИ ТРАЈКОВСКИ
Сè е во рацете и во главата на луѓето. Можеби обратно е посоодветно. Како и да е, не е битна нивната образованост, креативност, инвентивност, битна е подготвеноста на зависност на луѓето од сите структури кои ја промовираат независноста. Бинта е нивната позиција, која само слабаците и зависните ги тера на зависност од нешто, од некого, од некои. Кога со луѓе кои ја наведнуваат главата пред моќникот, покорно слушаат и извршуваат, од далеку му се смеат на создавачот на „независноста“ и преку проекцијата на сопствената зависност демонстрираат колку се тие зависни, си пружаат рака во судски ходници, се лигават пред хотели, илјадници лајкови на статус на избеганиот, дисциплинирано и со наведната глава назаечки ги напуштаат нивните кабинети од кои зрачат со султанска моќ, намерно се глупираат пред очите на јавноста, чиниш животот го положуваат кој повеќе ќе ја докаже својата глупантропска зависност пред сеачите на најлажната независност, замолкнуваат пред моќтта на позицијата, тогаш, одговорноста за создадената „независност“ е подеднакво распределена кај секој поединец. И кај тие што ја создаваат, и кај оние кои ги прифаќаат таквите критериуми за нивно понатамошно однесување во тешка форма на зависност…
И кога ќе ги видиме резултатите после 30 години независност, не се разочаруваме од нив, ниту од себе. Продолжуваме. Тие симптоми се „језивоста“ на нашата зависна реалност, тие се вистината за големата концентрација на пропалитетни карактери кои се подготвени да го киднапираат и сопственото дете, да ги напуштат сопствените деца и сопруги, за да ги задоволат своите краткорочни интереси. Битно им е да ејакулираат, не еволуираат. Тие паѓаат, се менуваат, сами или со сила, паѓаат и со нашите зависни гласови, но, ако остануваат неказнети, нашата креирана „независнот“ има шанси да остане со векови зависна.
Замислете – независен парламент, независна влада, независен претседател, независен Уставен суд, независна Акадамија на науките и уметностите, независен Судски совет, независно Обвинителство, независна Лустраторска комисија, независни медиуми, независно образование, независна комисија за оценување на знаењето на студентите и професорите, независни новинари, независни уметници, архитекти, скулптори, спортисти, актери, коментатори. Независната македонска приказна е заокружена со нивната природна умешност за нашата зависност од нивната моќ. Сè е независно во државата која сè повеќе виси над острите спилести карпи од амбисот на Којотот без право за реинкарнација, освен луѓето. Тие и понатаму се зависни…
Стариот мој, Бог да му душа прости, викаше: „Синко, да има решето кое ќе ги пропушти нечовеците во некој голем контејнер и ќе ги однесе џенем од овде, а ќе ги задржи човеците, и ако ги бутнеш сите во него, и Македонци и Турци и Албанци и Комунисти и попови и лопови, ќе останат толку, колку што ќе можеш суперкомотно да ги распоредиш во атарот на Скопско поле. Од Сарај и Матка па најдалеку до Катлановско брдо, ама тоа што е најбитно, со нив ќе можеш да направиш независна војска, и суд, и политика, ќе направиш вистински независна и авторитетна држава ќе изградиш независна младина.“ Ебиго друже судија, многу нечовеци, многу лигавици, полтрони и подлизурковци се шетаат на овој простор од поодамна и ја сеат зависноста како најголема придобивка во независна Македонија, наречен вморонски патриотизам…
Во младите е иднината, во нив е сместена и судбината на државата и на сите жители во неа. Три децении создаваме зависна младина, креираме зависни кадри, лешпери, лежилебовци, креираме паразити, неинвентивност, некреативност, неенергичност, лажна елоквентност и посветеност, и секојдневно ја бареме онаа правата независност. Хе. После три децении создавање зависна младост, ниту една држава во светот може скоро да ја очекува вистинската независност.
Во младите, во нивната решителност, храброст и сериозност да се справуваат за сопствената иднина, е сместена и судбината на независната држава. Колку и да се, тие се единствената искра за спас од оваа зависна независност, од сè поголемата окупација на полтрони, каобожемски независни кандидат(к)и за градоначалници, за повторно создавање на држава. Затоа, вие кои се туркате пред микрофоните, професори ли сте, академици ли сте, судии ли сте, актери, вие кои сакате да се сликате за да го забележат вашето лигавење, да ве покажуваат по “независните“ телевизии, задолжително, најмалку трипати на ден, внимателно погледнувајте се во сопствените огледала и прашајте се колку сте биле независни во изминативе 30 години независна Македонија, колку е независна државата во која живеете, и најважното, што сте направиле за вистинската независност на вашата татковина?
Честит празник независна Македонијо…
Текстот е личен став на авторот. Сите права се задржани.