Угледниот „Економист“ редовно го следи изборниот процес во Германија и објавува анализи и прогнози за тоа кој ќе ја наследи легендарната канцеларка, Ангела Меркел која е на власт речиси 16 години (од 2005 година), колку што на власт беше и Хелмут Кол (од 1982 до 1998 година), пренесува Цивилмедиа.мк.
Германските избори оваа година се крајно неизвесни, како во поглед на добивањето места во Бундестагот, така и во поглед на постизборните коалицирања за формирање нова влада. Прогнозите варираат од ден во ден, а експертите кои се занимаваат со изборни математики, не можат ништо да тврдат со сигурност.
Во прогнозата на „Економист“ за тоа кој е фаворите на претстојните избори во Германија, објавена денеска (11 септември), германските социјалдемократи (СПД) по подолго време, се искачија на врвот од табелата.
На второ место е партијата на Меркел, која е на власт веќе четири мандати, ЦДУ/ЦСУ, додека на трето место се Зелените кои, според истражувањата на јавното мислење, до неодамна беа на првото место.
Радикалната десничарска партија Алтернатива за Германија (АФД), според најновите резултати на „Економист“ се четврта политичка сила во моментов.
Остануваат уште две недели до парламентарните избори во Германија, закажани за 26 септември.