Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг им оддаде почит на жртвите од нападите на 11 септември во САД, велејќи дека Алијансата ќе продолжи да се спротивставува на заканата од глобалниот тероризам, пренесува МИА.
„Борбата против тероризмот ќе продолжи и НАТО ќе продолжи да ја игра својата улога“ – изјави Столтенберг на церемонијата по повод 20-годишнината од терористичките напади на 11 септември 2001 година, што денеска се одржа во седиштето на НАТО во Брисел.
Тој нагласи дека НАТО е единственото место каде Европа и Северна Америка секојдневно работат за нивната заедничка безбедност.
На 20-годишнината од нападите на 11 септември 2001 година во САД, знамињата на сојузниците беа спуштени на половина копје во чест на речиси 3.000 луѓе убиени во нападот на Ал Каеда. САД и нивните сојузници влегоа во Авганистан кратко време по нападите, соборувајќи ја талибанската влада. Радикалната исламистичка група ја врати власта минатиот месец.