Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), на седницата одржана на 30 август 2021 година, врз основа на примена жалбa од Искра Коровешовска, ја донесе следната:
Одлука
Интернет – порталот „Фронтлајн“, со текстот насловен „Бунт во ТВ Алфа, со месеци нема плати, здравствено осигурување и хонорари. Секнаа ли парите од Будимпешта?“, го прекрши Кодексот на новинарите во членовите 1, 13 и 16.
Жалба
До извршната канцеларија на Советот за етика во медиумите на Македонија, на 13 август 2021 година, одговорниот уредник на информативната редакција на телевизија „Алфа“, Искра Коровешовска, поднесе жалба за текстот со наслов „Бунт во ТВ Алфа, со месеци нема плати, здравствено осигурување и хонорари. Секнаа ли парите од Будимпешта?“, објавен на 12 август 2021 година на интернет – порталот „Фронтлајн“ (www.fronline.mk).
Во жалбата се наведува дека во текстот има незастапена втора страна, говор на омраза, мешање на факти и мислење, вест и коментар и пристрасност и неурамнотеженост во информирањето, односно дека Кодексот на новинарите е прекршен во членовите 1, 10 и 13.
Жалителката, меѓу другото, посочува дека во предметниот текст не било побарано мислење од ТВ Алфа и дека на тој начин, била објавена неизбалансирана и неаргументирана информација, вклучително и квалификации дека Алфа ширела црна пропаганда.
„Ваквиот начин на известување во кој е измешано коментирањето, давањето сопствено мислење на авторот потпишан со иницијал со известувањето при тоа без аргументи, има за единствена цел поттикнување ширење на говор на омраза кон медиумот“, потенцира Коровешовска во поднесената жалба.
Одговор на медиумот
Извршната канцеларија на СЕММ, во согласност со членот 14 од Правилникот за работа на Комисијата за жалби, по приемот и разгледување на жалбата, стапи во контакт со интернет – порталот „Фронтлајн“ и побара да се изјасни по однос на наводите на жалбата. Одговорниот уредник на медиумот, Џабир Дерала, одговори дека во моментот е на одмор и оти до 1 септември нема да може да одговори на наводите на жалбата.
Одлука на комисијата за жалби
Комисијата за жалби утврди дека жалбата е ОСНОВАНА и едногласно одлучи дека Кодексот на новинарите на Македонија е прекршен во членовите 1, 13 и 16.
Член 1: „Новинарот има право на слободен пристап до сите извори на информирање што се од јавен интерес. Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно“.
Член 13: „Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот“.
Член 16: „Новинарот ќе ги чува угледот и достоинството на својата професија, ќе ги поттикнува заемната солидарност и различностите на ставовите и нема да го употреби својот медиум за пресметка со личности, вклучувајќи ги своите колеги“.
Образложение на одлуката
На седницата на 30 август 2021 година, членовите на Комисијата за жалби ги разгледаа наводите на жалителот и извршија увид во спорната содржина.
Комисијата, најнапред, се согласи дека текстот има несомнен јавен интерес, зашто обработува тема за неисплатени плати, хонорари и придонеси на вработени во националната телевизија „Алфа“. Сепак, став на Комисијата е дека начинот на кој е пренесена информацијата е едностран и не нуди целосно објективна информација и согледување на сите значајни аспекти, што ги повлекува темата.
Авторот на текстот се повикува на анонимно писмо на група вработени во медиумот, кои наводно го предупредуваат менаџментот на телевизијата дека ќе ги редуцираат работните обврски како одговор на неподмирените обврски од страна на компанијата. Објавувањето на писмото од страна на „Фронтлајн“ е легитимно и новинарски коректно, но тоа, само по себе, не може да биде веродостојна потврда на информациите во текстот. Ова уште повеќе, што порталот низ призма на проблемите со кои се соочуваат вработените во ТВ Алфа, ја злоупотребува основната тема и отвора прашања за финансиската заднина на медиумот и за наводната пропаганда во која била инволвиран. Комисијата заклучи дека „Фронтлајн“ имал обврска од ТВ Алфа да побара став за актуелната состојба во медиумот, а за останатите наводи поврзани со наводната истрага за работењето на телевизијата да се обрати до надлежните институции и да ја прошири темата, наместо само да лиферува информации кои датираат од поодамна:
„Своевремено, јавноста дозна и за тоа дека финансиската полиција и обвинителството ја следат трагата на унгарските пари во македонските медиуми, меѓу кои Алфа ТВ е една од најекспонираните, како што објавија низа истражувачки медиуми во земјава и во странство. До каде е таа истрага не е познато, но очигледно е дека нешто не е в ред со касата на оваа телевизија позната по својата црна пропаганда.“
Оттука, Комисијата најде дека во текстот на „Фронтлајн“ е прекршен членот 1 од Кодексот на новинарите. Проверката на податоците и точноста се морални императиви на новинарството, затоа новинарот е должен да ја провери информацијата од што е можно повеќе извори, а најмалку два меѓусебно неповрзани извора. Постулат на новинарската професија е да се обезбеди „втора страна“, односно да им се даде можност на сите засегнати во новинарскиот производ да го кажат својот став. Ова, особено во случаи кога новинарот изнесува сомневања или обвинувања или кога некој е предмет на напад и критика.
Во продолжение, Комисијата констатираше дека во оспорениот текст авторот се служи со коментари, кои се обидува да ги наметне како факти. Тоа се коси со членот 13 од Кодексот на новинарите, што особено е нагласено во следната реченица од содржината:
„Дали секнаа парите од „Оливери“ маслото од Будимпешта или нешто друго е во прашање, наскоро ќе дознаеме.“
Новинарите имаат право на свое мислење, став и вредносен суд, но не смеат сопственото мислење да го камуфлираат како факти. Мора да биде јасно разграничено што се факти и информации, а што коментар, претпоставка или став на авторот за да се избегнат дезинформирање и манипулирање со публиката.
Водејќи се и од горенаведеното, членовите на Комисијата во оспорениот текст препознаа и извесна тенденција и елементи кои упатуваат на обид за пресметка со медиумот. Став на Комисијата е дека преку актуелизирање на една тема, медиумот вешто се обидел да наметне друга, која не е во насока на поттикнување на взаемната солидарност во новинарската професија.
Оттука, Комисијата заклучи дека во текстот е прекршен и членот 16 од Кодексот. Во својата работа новинарите треба да настојуваат да одржат баланс помеѓу чесната конкурентност и професионална солидарност. Ниту новинари, ниту уредници не би смееле да се пресметуваат со свои колеги преку сопствените медиуми. Таквото однесување не само што го намалува нивниот интегритет и достоинство, туку ја урива и репутацијата на новинарската професија воопшто и ја намалува довербата на јавноста во медиумите.
Во однос на наводите на жалителот дека во текстот е прекршен и членот 10 од Кодексот на новинарите, Комисијата не најде елементи да констатира такво отстапување.
* * *
Во согласност со наведеното, Комисијата одлучи како што е погоре наведено.
Во работата на Комисијата учествуваа членовите Мирче Адамчевски, Сефер Тахири, Мери Јордановска, Теофил Блажевски, Лилјана Пецова Илиеска, Ердем Ахмет и Димитар Мицев.
Се обврзува интернет – порталот „Фронтлајн“ (www.frontline.mk) во согласност со членот 18 од Деловникот за работа на Комисијата за жалби да ја објави оваа одлука.
Со почит,
Совет за етика во медиумите на Македонија
Претседател на Комисијата за жалби
Мирче Адамчевски