Кај компаниите постои подготвеност да инвестираат затоа што гледаат дека политиките што се воведени за поддршка на инвестициите, но и за зголемување на конкурентноста почнуваат да даваат ефекти, порача вечерва вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Нагласи дека оптимизмот кај компаниите не е заснован на интервенции од страна на Владата и државата во стопанството, туку двигател на развојот е самото стопанство заради, како што рече, воспоставениот систем на мерки и програми кои алудираат на структура на економијата која е поддржана, но при тоа не да го води стопанството, туку стопанството да е водено од стопанственици.
-Во 2017 година кога го воведовме Законот за финансиска поддршка на инвестициите имаше 27 договори за поддршка на домашните и странските компании. Во овој момент со менувањето на целосниот систем на поддршка на компаниите и начинот на кој ги управуваме договорите имаме 245 договори со компании кои веќе имаат инвестициски циклус од над 150 милиони евра, а државата ги поддржува, рече Битиќи во интервју за ТВ Сител.
Тој нагласи дека само во 2021 година до овој момент се прегледуваат 150 нови барања за поддршка на инвестициски циклуси.
-Нашите предвидувања се дека до средината на октомври, кога треба да заврши процесот за годинава, ќе завршиме со 380 активни договори за поддршка на инвестиции од домашни и странски компании надвор од инвестициите во ТИРЗ. Кога ќе ги додадеме и нив ќе дојдеме до бројка од 420 компании кои влегле во инвестициски циклус, истакна Битиќи.
Ни една од нив, прецизира, не е во инвестициски циклус од една година, туку сите се во период од пет до десет години.
-Кумулативно заедно со тие со кои преговараме ние зборуваме за инвестиции во наредниот период од 700 до 800 милиони евра само во преработувачкиот сектор, посочи Битиќи и им порача на стопанствениците кои сакаат да влезат во инвестиции дека во Владата ќе најдат партнер кој ќе се придржува до секоја договорна обврска што е потпишана без разлика дали е потпишана од актуелната или од некоја претходна влада.
За растот на економијата во вториот квартал од годинава за 13,1 процент рече дека е таков каков што очекувале во фазата на опоравување од КОВИД-кризата.
-Уште сме внимателни да кажеме дека целосно навлегуваме во фазата на опоравување затоа што нашата економија е доста зависна од другите економии. Во извозно ориентирана економија во која што скоро 48 отсто од извозот го креираме со Германија, ако нивната економија трпи загуби, а тие во двата квартала од 2021 имаат пад на БДП, не можеме ние да очекуваме дека овде ќе биде навистина периодот на опоравување затоа што сме извозно зависни и нашиот БДП секако е зависен. Но, сметам дека има доволно добри индикатори коишто укажуваат дека ова зголемување не носи и во добра насока, да го фатиме трендот на постигнување на растот на БДП од 4,1 отсто што го имаме зацртано за 2021 година, рече Битиќи.