Сè уште според мене и според Сојузот на синдикати има време да се донесе законското решение за недела неработен ден, истакна во гостувањето на „Утрински брифинг’ претседателот на ССМ, Дарко Димовски. Тој ги повика пратениците да престанат со нивните партиски препукувања и да го откочат законското решение во Собранието.
-Праќам директен апел до пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса дека преку грбот на работникот и правење штета на работници не се стигнува до власт. Тоа треба да биде јасно, а дека ќе дојде до отпуштање на работници тоа нема да се случи бидејќи знаеме колкав е дефицитот и колку работници ја напуштаат државата за барање на подобри работнички права и подобри плати, порача Димовски.
Според него ова решение е на барање на работниците и не се работи за никаква партиска задача туку за регулирање на недела за неработен ден.
-Знаеме дека моментално што се случува, законското решение им дозволува на работодавачите ден за неделен одмор да биде друг ден во неделата, затоа е неопходно донесување на ова законоско решение за недела неработен ден. Не треба да имаат реперкусии бидејќи ова законско решение е донесено на Економско-социјалниот совет каде учествуваат трите социјални партнери, синдикатите, работодавачите и Владата. Тоа е усогласено и договорено. Не треба да има пречка да помине на комисија, а потоа и сите пратеници да го изгласаат ова решение и да важи од 1 октомври како што се договоравме социјалните партнери, кажа Димовски.
Претседателот на ССМ кажа дека процесот на изготвувањето на текстот бил инклузивен, каде биле вклучени сите социјални партнери и не било направено се во еден ден.