ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result

Ерменско-македонската каша-попара продолжува

September 24, 2021 09:06
in ZOOM IN, ДЕНЕС, ФРОНТ

САШО ОРДАНОСКИ / ЦИВИЛ МЕДИА

Не знам кој на што се надева, но „ерменската афера“ со македонското „дипломатско“ замешателство е тука – и нема наскоро да си замине. Приказната е со компоненти на холивудски трилер во доменот на настаните што се случувале вон територијата на државава, а она што ја тангира Македонија е со елементи на домашниот жанр „институционален хорор“ во кој допрва останува да се уточнува кој и што знаел, кога дознал, и што преземал или одмолчил. И зошто?

Да се потсетиме…

Колку што може во овој момент да се заклучи, во основа, се работи за класичен криминален наратив што се случувал во Ерменија. Имено, таму во последните пет-шест години се одвиваат големи градежни инфраструктурни инвестиции кои се мерат во милијарди евра на регионалниот „Пат на свилата“ за поврзување на северот со југот на земјата, а во времето што ја тангира аферата, ги „изведувало“ семејството на тогашниот ерменски претседател и (во два наврати) премиер Серж Саргсјан (на власт бил од 2008-2018) и „мрежата“ од добро распоредените негови блиски роднини, пријатели и соработници. Еден од клучните луѓе во надзорот на изведбата на тие патишта е инженерот Бранислав Димитриевиќ, долгогодишен експерт за овој вид на инфраструктура, кој работел во име на еден познат западен конзорциум (шпанско-белгиската компанија „Сафеге и Ептиса“) за надзор на градежните активности.

Деталите од самиот надзор се помалку битни, но факт е дека ерменските власти, по падот на Саргсјан од власт, по сомневања во 2018-2019 година за нерегуларности во работата, покренуваат разни истраги (вклучително и за братот Левон на поранешниот претседател/ премиер), а во некој од тие контексти го приведуваат и го пуштаат да се брани од слобода и инженерот Димитриевиќ, додека трае истрагата за евентуалните злоупотреби.

Димитриевиќ – кој, покрај тоа што е носител на македонско државјанство, најверојатно поседува и хрватски пасош, а наводно располага и со поголем имот во таа држава – проценувајќи дека не му одговара да го чека исходот од истрагата, решава да си организира бегство од таа земја. За таа цел, низ еден елабориран план, решава да регистрира невладина организација во Македонија (нашите извори велат дека фејсбук страната на таа организација e “Здружение за еднаквост на децата – Насмевка“) која, како параван, ќе се занимава со статусот и проблемите на децата со аутизам, а ја поврзува македонската со активностите на слична таква организација во Ерменија (позадината на неговата вмешаност во таа ереванска организација сега не е важна, а постои), за да може, во погоден момент, да организира средба меѓу претставниците на двете организации.

За датумот на таа „невладина“ средба е избран моментот на одржувањето на големата евро-азиска конференција во Ерменија (https://armenianweekly.com/2019/10/02/world-leaders-from-iran-russia-converge-at-eurasian-economic-summit-in-yerevan/) на 1 октомври 2019 година (со присуство на високи претставници на држави и влади во нивниот главен град, што веројатно е проценето како згоден „де-фокус“ на тамошните власти од она што го подготвувала екипата за бегство), на која делегација од тројца претставници од Македонија – тројцата дипломати, плус уште едно лице, кое сега е уапсено во Ерменија, а со комерцијален лет од Виена отишло таму за да му го „позајми“ својот пасош на Димитриевиќ за излез од земјата, па кога по петнаесетина дена, откако пасошот по друго лице му го вратиле назад, се обидел да ја напушти државата, иако веќе еднаш се водел како „излезен“ од Ерменија – со приватно закупен авион (со српска посада), од Скопје заминува во Ереван.

При влезот во Ерменија македонската „дипломатска екипа за екстракција“ се идентификува со своите цивилни пасоши (имено, граѓаните на Македонија вадат визи во Ерменија на самата граница, додека за дипломати е неопходна посебна претходна процедура), за да ги прикријат своите вистински намери, се среќаваат и со своите невладини „колеги“, а всушност му носат пасош на Димитриевиќ на име на вистински македонски државјанин (тој што подоцна е уапсен при обид за излез од земјата) со чија помош тој и неговите соработници (тројцата македонски дипломати) ја напуштаат земјата и се враќаат во Скопје.

Не е познато, освен патниците, колку други торби и куфери се пренесени на линија Ереван-Скопје истиот ден, но може само да се претпостави дека авионот не се вратил без багаж од таму. Впрочем, не е тешко да се претпостави дека нашиве дипломати сигурно „бесплатно“ не се зафатиле за оваа ризична авантура…

Во моментов, македонските власти го знаат идентитетот и локацијата на тројца патници на повратниот лет, но не знаат (?!) со кој пасош се идентификувал Димитриевиќ на влез во земјава – и каде сега се наоѓа. (Патем, ерменските истражни органи го имаат приведено граничниот полицаец кој ја извршил „идентификацијата“ на Димитријевиќ на излезот од ерменскиот главен аеродром со пасошот кој не е со негов идентитет и против него таму води соодветна постапка.)

Потоа почнува приказната со „црвената потерница“ на Интерпол и фактите околу тоа се веќе објавени: потерницата на 25 февруари 2020 година службено пристигнала во нашето МВР, во времето кога со него раководи техничкиот министер Наќе Чулев, но каде завршила и што се случило со неа по заминувањето на Чулев од Министерството и доаѓањето на Оливер Спасовски на негово место, не е сосема јасно.

За околностите и личноста на уапсениот Миле Миленкоски во Србија, како и за неговата дипломатска кариера, многу колоритни детали се веќе објавени, но важно е да се напомне дека, според добро информирани извори од македонска страна, тој не бил главниот од тројцата дипломати што го извлекувале Димитриевиќ од Ереван, а сепак за него е распишана потерницата.

Дополнително, сега Миленкоски седи во екстрадикционен притвор во Врање, српските власти сѐ уште немаат добиено докази од Ерменија за целиот случај, а никој од Македонија официјално не го контактира, иако само до пред три недели беше наш висок дипломат регистриран во виенската мисија на ОБСЕ. Веројатно во Врање добил адвокат „по службена должност“ и којзнае кој и за што со него таму разговара…

Во меѓувреме, од моментот на апсењето на Миленкоски во Врање на 27 август годинава – што е „покриено“ со низа извештаи во македонските медиуми – до денеска, во државава се води една несфатлива „кампања“ од страна на различни институции и нивни функционери (министерства, Обвинителство, служби за безбедност, функционерски кабинети и други овластени адреси) за „перење раце“ од целата оваа афера. Се чини дека сите – вклучително и високи, бивши функционери од претходната власт – знаеле по нешто, барем за важни делови од целото ова „замешателство“, а се натпреваруваа(т) да си ја префрлат ресорната одговорност од еден на друг, пуштајќи половични и некоординирани информации во јавноста низ свои медиумски и други канали, што и произведе низа од непрецизности, погрешни информации, манипулации и „пробни балони“, белки во надеж дека аферата, некако, самата ќе „исчезне“ во предизборната (а и вообичаена) какофонија во нашата јавност.

Тоа, гледаме, не се случува. Напротив, нови, сочни продолженија веќе се во најава. Новинарите, со право, се растрчани на сите страни, а тоа го прават и сите други инстанци од „светот и полусветот“ на македонската политика, секој од свои легитимни или матни интереси.

Патем, бидејќи самата „ерменска афера“ се случува или вклучува разни држави (бегања, апсења, државјанства, поминувања граници итн.), којзнае колку странски служби во моментов (легитимно) ја следат целата компликација, со надеж дека и тие ќе ги авансираат своите интереси во целата оваа балканска „каша-попара“.

А, од сето она што до сега се знае, се чини дека државата, иако ја пропушти шансата навремено и точно да ја информира јавноста за оваа голема непријатност, може дури и сега да излезе со квалификуван став и точна хронологија на настаните, бидејќи не може да се заклучи, од она што се знае, дека самата држава е замешана во аферата од Ерменија.

Според тоа, кому и зошто му одговара во сегашната власт за овој настан да се „тркалаат“ шпекулации, нагаѓања и „ишкање на мувата“ од сечија „капа“?

 


Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторот.
Next Post
МИА

Попишани вкупно 1.383.434 лица, 431.573 домаќинства и 595.754 станови

НАЈНОВО

Гардијан: Венс во февруари барал замена за Зеленски, Залужни одбил телефонски повик

August 25, 2025

Остатоците од ураганот „Ерин“ стигнуваат во Европа – се очекуваат ветрови, обилни дождови и бранови до 12 метри

August 25, 2025
Ацо Лукароски. Фото: лична архива

Што ѝ прави Мадуро на Венецуела

August 25, 2025

НАЈЧИТАНО

  • Власта со потези што отвораат сомнежи за изборни злоупотреби

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Амбасадорката Дир: Поддршката од партнерите ни овозможува да му се спротивставиме на рускиот агресор

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Шукова: Архитектите и експертската јавност ќе ја предводат ревитализацијата на Скопје

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Скопје стана Кијив на еден ден – Украина ја одбележа независноста

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Да ги освестиме придобивките од ЕУ за да знаеме зошто сме против!

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk