Запрашан за состојбата со животниот стандард и критиките на опозицијата дека тој паѓа, заменик министерот за финансии, Димитар Ковачевски, во интервјуто за Цивил Прес студио потенцираше дека еден од показателите за животниот стандард е и потрошувачката кошница и односот со минималната плата, бидејќи тука, како што посочи тој, се гледа каков е стандардот на најниско платените во едно општество и најранливите.
„Во јуни 2013 година, беа потребни 4,05 минимални плати за покривање на една потрошувачка кошница. Во јули 2017 биле потребни 3,22 минимални плати за покривање на една потрошувачка кошница, а во јуни оваа година потребни се 2, 25 минимални плати за покривање на една потрошувачка кошница во едно семејство. И од ова јасно се гледа како е подобрен животниот стандард на граѓаните на Република Северна Македонија“, истакна Ковачевски.
Ковачевски во делот од интервјуто посветен на социјалната правда и животниот стандард на граѓаните, меѓу другото потсети дека од 2017-та наваму е покачена минималната плата, платите во образованието, здравството, безбедносниот сектор, а за трипати се зголемила и социјалната помош.