пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Пред изгрејсонце, ноќта мие заби и се спрема да си легне. Помека е и потопла. Живата во термометарот не се мрда. Не ми е толку студено. Дури и кога одам на првото утринско мочање. Потоа, таа го вклучува сонцето како што јас ги гасам сијалиците и климата ја става на авто. И јас се будам во нормално есенско студенило. Не пресилно. Повеќе, би рекол, свежо. Како некаков озонер што ми го чисти воздухот и ја зголемува видливоста. Ги гледам лисјето на Китка како да ми се на терасата. Во саксија. Хахаха. Од сончевата страна на куќата, го гледам Таор во својата дебела сенка, под Јустинијан, убави бели дамки на зелена подлога. Така изгледа селото од оваа страна на Вардар. Си го пијам еспресото. Уживам. И по малку се секирам. Зашто, ноќта, студенилото, мочањето, свежината, видливоста, лисјето на Китка, Таор, Сонцето и моето задоволство од животот можат да исчезнат ако во учебниците за трето одделение фашизмот го ослободиме од бугарската припадност. Така што јас навивам за фашизмот, речиси дека сум фашист, не могу да живим без њега, бугарскиот фашизам го сакам повеќе отколку чоколадниот сладолед кај Џино и сигурно повеќе отколку што Милчин ја сакаше Менада. Помалку се израдував кога го сменивме името на државата отколку што се растажив кога ја видов Менада преоблечена во најновата колекција на Левантот.
И така, по рано, драги мои, еве ме кај Сабато. Мислам дека веќе сум го цитирал, но еве го пак, го принесувам тука со неговата професорска максима која душа дала за будење на Македонците од долгогодишниот сон.
„Треба да се удри (Hay que golpear). Треба да се извадат од стварноста на која се навикнати и да се стори да гледаат се како ново, па немирот ќе ги присили да бараат решенија и да му се обратат на наставникот…но треба да се растури се, треба да се создаде состојба на загрозеност…“
Гомбрович смета дека Ернесто е во право и вика „тоа е исправно“.
„Затоа што знаењето, какво и да е, од најегзактната математика, до најматните сугестии на уметноста, не постои поради смирување на душата, туку за да ја доведе до состојба на треперење и стрес.“
Јас во темата за бугарскиот фашизам гледам такво трескање, такво производство на немир и на загрозеност, такво вадење од стварноста на која се навикнати, такво возбудување на душата, такво треперење и стрес какви што на Македонецот требаше одамна да му се случат за да не изгледа вака стуткан, хистеричен, прост, самозакован на крстот со шајките на бугарскиот фашизам како не престанува да се жали: Господе, зошто ме остави!
Хахаха!
Што прави Заев?
Ги вади шајките.
Тоа малку боли, но такви се сите чинови на ослободувањето.
Последните отпори на распнатиот Македонец, неговиот лелек по распнатоста, со хорската придружба на Ана, Максим, Ѓорѓи, Софи и другите чувари на светиот грал на бугарскиот фашизам како второ име за македонскиот живот, се најсрамната епизода во кратката историја на македонскиот народ, а ако се покаже дека таа историја била долга, длабока, богата и славна, срамот ќе биде уште поголем. Инсистирањето на бугарскиот карактер на фашизмот, таа фаталистичка врзаност за таа одредница не говори лошо за Бугарите, особено не на начин на кој некои Македонци мислат дека говори, туку за Македонците, за нивната незрелост, уплашеност, непораснатост, закржлавеност, искомплексираност, еднодимензионалност, политичка и историска амебичност, за нивната страст да ги трчаат современите трки со ѓулињата на минатото. Да не говориме дека на тој начин се движат по тенок лед на кој можат да пропаднат во други дубиози на својот историски легитимитет, да се исправат пред македонските лица на бугарскиот фашизам, да речеме, односно во аспектите на самоокупацијата, ако веќе говориме за бугарската окупација како континуитет на трајната и никогаш непрекината окупација. Која на тој начин станува бесмислена како поим.
Како се викаат местото и луѓето што шест илјади години се под непрекината окупација?
Кои се?
Што се?
Инсистирањето на бугарскиот фашизам ја деградира славната и ослободителна епопеја на македонскиот народ. И ги загрозува сите национални и државни остварувања. Не ја нагласува и зацврстува. Сè е наопаку. Се однесуваме како крава која клоца над кантата со млеко.
Зрелите нации ги решаваат тие проблеми како што го решава проблемот со откупот и цената на грозјето или со протоколите во услови на загроза на здравјето на нацијата.
Не би рекол дека Заев е наставникот од ставот на Сабато. Не, но сигурно е дека ја игра историски најважната, највозбудливата и најживототворна улога што му се паднала на некој политичар во повоената историја на Македонија. Во крајно деликатни политички услови се обидува да не треска и да не удира шлаканици, туку нежно да го разбуди Македонецот и да му каже дека е време да излезе од пештерата на чист воздух и да улови некоја ќурка за вечера.
Јас би бил многу погласен и погруб.
Дури и од Ернесто.
Како Гомбрович, кој ни ги дава следните рецепти:
Мораме емотивно и интелектуално да се тргнеме од Македонија, за да можеме во односот спрема неа да добиеме поголема слобода на делувањето, за да можеме да ја создаваме. Мораме да стекнеме чувство на привременост на нашето сегашно македонство. Без тоа нема да можеме да го стигнеме светот. Ние сме пример на грчевит патриотизам. Чуварите на бугарскиот фашизам ме викаат да сум се борел за Татковината. Но, ако со некого сакам да се тепам, тогаш е тоа Татковината – за сопствената човечка вредност.
Спорот со Бугарија мора да се реши. Никакви ани, софии, ѓорѓиевци и чипирани идиоти од вмро и од други трла, не можат да го држат замрзнат спорот, уште помалку да мислат дека со бугарскиот фашизам во трето одделение ќе ја искачат Македонија на победничкиот пиедестал. Бугарскиот фашизам е јаже на кое Македонија се беси. Компромисот што Македонија треба да го направи е пичкин дим во однос на позитивните ефекти што ќе ги прокнижиме.
Тоа е.
Борбата против Заев во овие услови е многу глупава и опасна, да не речам дека има велепредавнички и имплозивни капацитети. Со слична борба против Бучковски, Црвенковски го инсталира Груевски. Како некој шаман ја довика смртта на Татковината. Тоа што сега се повторува истиот фазон на исти патриотски теми, можеби покажува дека тогаш не му се случила грешка, туку дека тој работел во името на смртта. Не верувам, но така испаѓа. Така што на преостанатиот разум му препорачувам да одбере други теми за тепачка со Зоки.
Полека.