Цивил секогаш е подготвен за избори, но тоа не значи дека сме ние нешто претерано добри, туку дека во земјава речиси секоја година има избори, па едноставно кога ќе заврши едниот изборен процес, ние веќе се спремаме за наредниот, истакна Џабир Дерала во гостувањето на „Утрински брифинг“, на Слободен печат“.
Коментирајќи ја изјавата на премиерот Зоран Заев дадена за ТВ Сител, дека се можни предвремени избори доколку пораката на граѓаните на гласањето биде спротивна од она што СДСМ очекува, Дерала вели дека се знаело и очекуван е притисокот од опозицијата, и нагласува дека секој изборен процес е шок за системот.
„Тоа како што зборуваат и други релевантни експерти од многу области, тоа е шок за системот. Изборниот процес дури и во една нормална демократска земја знае да го закочи, да го стреси системот, бидејќи се работи за еден „ресет“ на многу нивоа. Такво нешто не препорачуваме никогаш. Навистина треба да се согледа ризикот од предвремени избори зашто тоа е скапо, го кочи системот, бизнисот е многу претпазлив пред и после избори“, рече Дерала.
Тој вели дека две-три години во политиката во една држава не е многу време и нагласи дека опозицијата треба да се подготви добро и нека излезат со добри програми и да престане со тој притисок на секои две години да бараат избори.
„Постои можност и во парламентот да се направат различни комбинаторики, дали да се окрупни мнозинството кое сега е кревко и мало, а може и да се смени мнозинството. Може во рамките на институциите да прават различни комбинаторики, нека бидат малку инвентивни во тоа“, потенцира Дерала во гостувањето на „Утрински брифинг“.
Говорејќи за мониторингот на изборите и како тие ќе бидат покриени од ЦИВИЛ, Дерала вели дека конечно имаме слободни избори – Конечно можеме да видиме дека има општество и држава во кое граѓанките и граѓаните излегуваат на избори и слободно ја изразуваат својата желба.
Тој истакна дека и покрај тоа, сè уште се потребни набљудувачи зашто има ризик од радикални групи кои можат да предизвикаат некаков неред и притисок, и додаде дека Цивил ќе излезе со околу 300 набљудувачи кои се мобилни.
Ј. Ѓорѓиоски