Недвосмислена е подрршката од претседателката на ЕК, Урсула Фон дер Лајен. Доаѓање на претседателка на ЕК е голема работа и одлично поминавме, изјави министерот за надворешни работи, Бујар Османи во гостувањето на емисијата „Утрински брифинг“.
Никогаш ЕУ не се повлече од Западен Балкан, потенцираше Османи. Пораката на претседателката на ЕК е дека ЕУ е посветена за членство на регионот и дека тој пат е без алтернатива, кажа Османи.
„Ние имаме јасна визија дека еден ден ќе бидеме член на најбогатиот клуб во светот. И тоа не треба да го потцениме, Треба да се покажеме, докажеме и да ги убедиме. Секако имало, има и ќе има дилеми дали да се прошири ЕУ….Меѓутоа, ЕУ никогаш не се повлече од посветеноста што ни ја даде уште во 2003 година…ЕУ е најелитниот и најбогатиот клуб на земји во светот. Ние имаме привилегија што ни е дадена шанса, како мала земја, да имаме право на полноправно членство. Го заслужување почнувањето на преговори со Унијата, смета Османи“, рече Османи.
Ние сме во фаза на длабока асоцијација со ЕУ. Поддршката на фон дер Лајен и на Европската Комисија е недвосмислена. А овој процес трае речиси 20 години.
„Ние веќе имаме беспрекорна трговска унија со ЕУ, речиси 100 % ни се усогласени надворешните политики, имаме безвизен режим, имаме милијарди средства кои ни се дадени на располагање од ЕУ“, рече Османи.
Тој додаде дека членството во Унијата не следува по дифолт.
Османи утрово на аеродром ја испрати претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен која продолжува на средби во Србија. Пред нејзината посета на Скопје и средбите со државниот врв, агенцијата Ројтерс повикувајќи се на извори и документ до Брисел, објави дека поради страв од можни реакции во земјите членки, Брисел повеќе не може да гарантира дека шесте балкански земји, меѓу кои и Северна Македонија, воопшто ќе бидат примени во ЕУ.
„Текстот на Ројтерс излезе во момент кога Претседателката на ЕК Урсула Фон дер Лајен шета по Балканот. Тоа не смее да се игнорира. Не се знае дали има некаков интерен документ но има теории. Оптимизмот на министерот ми се допаѓа но да не заборавиме дека комисијата кажа дека самитот со Западен Балкан не е за проширување“, изјави за Утрински брифинг новинарката и дописничка за МИА од Брисел, Тања Милевска.
И. З.