пишува: ЗОРАН ИВАНОВ / ЦИВИЛ МЕДИА
Сè тече, само ние не се менуваме. Сè само со инаети и пизми. Меѓупартиски контри, подметнувања, обвинувања, клетви. Во изобилија дури и на деновите јубилејни. И на 30-те години на Втората македонска република и 20-те на Рамковниот. Исто и за пописот, за таа само уште кај нас политичка или еве и политизирана операција, за изборите, исто и за несреќата исто и за модуларната.
КОНТРАПРОСЛАВИ
Едните наместо здружно на централната државна прослава во Скопје, киднаа во Битола на некое свое приватно чествување на нели единствената татковина. И само затоа што не биле власт. Примитивно, типично, уникатно македонски и историски традиционално со антагонизми и пизми. Овие пак за Рамковниот месец пред тоа со еднопартиски триумфализам како Олимп да го освоиле. А свежо е, на сите страни животи недолжни паѓаа, мајки се расплакаа, семејства во црно се завија, но пуста власта жртвите бргу ги заборава. Бар да ги споменеа, бар малку пиетет да покажеа. Баш онака, ем комотно, ем фингер примитивно. Осмосептемвриските прослави, и државната и пара државната, ги засени еден од најужасните настани со пожарот во тетовската модуларна болница. Се разбранува јавноста за одговорноста. Опозицијата се нафрли врз министерот за здравство барајќи му го скалпот. Но и дел од граѓанската па и од интелектуалната јавност, очекуваше морална постапка и од министерот и од премиерот. Овие очигледно проценија дека тоа не ќе е добар чин ниту за состојбата со менаџирањето со КОВИД, ниту за владата, ниту предизборно за партијата.
Но, и за министерот и за владата и за партијата, оставката ќе беше доблесна посебно како показ за степенот на политичката култура кај нас воопшто. Но ете, уште и за ова сме подалеку од развиените демократии. Натамошната политичка кариера на министерот ќе покаже дали јавноста бргу заборава или неговата одлука да не реагира сепак ќе остане темна морална дамка која кога тогаш ќе му се удри по политичката кариера. Баш онака, ем неочекувано, ем фингер примитивно.
ИЗБОРИ, ЛАГИ И ИНТЕГРАЦИИ
И за избориве умот пак не им доаѓа. Кампањата ја почнаа со рафали од калашников како да е `41-ва или 2001-ва. Добро, не е исто, сега наместо со оловни, со зелени куршуми. Но, избори се, и јубилеи, па и по некој ваков и сличен свадбарски гест, некому можеби дури и симпатично да му подналикува. Но ете, сето колку да не` потсети дека во Европа тоа може само уште овде. А Унијата? Е таа нека се стрпи, нека не` почека уште генерација, две. Сега ни е баш фино овде на Балканов. Баш онака, ем релаксирано, ем фингер примитивно.
Туку, ова гостиве европски со мандат од дневен престој во Скопје, пак нешто зачестија. Дали тазе ајвар намирисаа или по морковот си дојдоа. Стапот и онака од поодамна го јадеме откога уште пред деценија и пол европските емисари на секои три месеци ни ги почнуваат пристапните дијалози со Брисел. И овој пат исто. Дојдоа, си заминаа. Со домашен ајвар или со тегла Мамас, сеедно. Важно госпоѓата претседателка на ЕУ комисијата и нејзиниот комесар за пумпање на европскиот балон, како да се плашат да не го пренадујат па да им пукне како што Европа знаела да пука. Како во онаа несреќна `914-та, на пример, или, исто така на пример, како во онаа уште понесреќна 41-ва.
И пак е нејасно зошто наместо по Пештерска во Софија каде што тешката бугарска рампа е заглавена на најсниско, тие пак овде. Ако не дошле по ајварот, тогаш или беа по грешка или посакале од уште поблизу да ни ги видат корупциите и еко депониите. Но гости. Ние пак љубезни, фини, кротки, молчаливи. А можеме ли поинаку кога апла, пред нивни очи, од под шапката на државава се уште протекува сиот наш криминоген менталитет. Баш онака, ем фино европски, ем фингер примитивно.
И така некако и натаму комотно си тераме со балканскиот примитивизам, дисциплина во која сме шампиони. Ништо не не` пере. И нечистиот Вардар е почист од нашата колективна совест. Но, добро, еве некои нови комунисти барем пловен ќе го правеле. Па што, ако на времето можеа држава да ни направат, па за пловен Вардар зар воопшто муабет ќе се прави.
И не само реки пловни, туку и ако треба космодроми ќе се прават и јавен превоз џабе и патики муфте ќе се делат. Последново веројатно како реплика на оној солидарниот чин од Мексико „чевли за секое дете“, дар за скопјани за страдањата од катастрофалниот земјотрес во `63-тата. Но добро, избори се, нели, и циркус е, нели, а на илузиите циркузот им е дом, нели, па и на посериозни фаци им се случува да подистресат по нешто ментално, нели. Баш онака, ем неконтролирано, ем фингер примитивно.
МАНУ СЕ ЈАВИ
Дури и едно и МАНУ се јави. Навистина се јави. Се подразбуди тој лапидарен храм, таа наша водилка на нашите прогреси и онака уште мамурна запука неконтролирано па, кому иде. До душа, од тоа легло на мудроста и порано знаеле да проектираат по некој фундаментален бисер како оној за поделба на државата или оној со недокваканата енциклопедија, па еве и сега оттаму, од два, три метри квадрати концентрирани двајца, тројца државни претседатели подзаметоа по поделбите, криминалите, корупциите, непотизмите, клиентелизмите, тендеризмите. Ни порачаа дека вакви раскарани, поделени и корумпирани, ниту перспектива европска имаме, ниту бутур. Па, од кого е дури и фино е.
Само е нејасно дали таму, во академијата, има некое огледала за дотичните пред да проговореа на темата, да можеа малку да си се ѕирнат во него. Одблизу и себе да се видеа и за поделбите и за криминалите и за корупциите и за непотизмите и за клиентелизмите и за тендеризмите. Па, ако само до огледалото било, добро е. Ете, тука бил одговорот дека дури и оттаму, од МАНУ, се случува одвреме, навреме да пробликнат по некои бисери. Баш онка, ем по нешто паметно, ем по нешто фингер примитивно.
ФИНГЕРПРИНТ
Збор, два и за слоганот од насловот. Дечкото, првиот човек на ДИК, во транс падна од радост. Се испофали по сите телевизии. Му стигнал третиот шлепер со оние де, оние со странско име. Оние фингери мингери како за престапници што се. Отисоци што ќе ни проверувале на изборните места како да сме приведени деликвенти по полициските станици. По цели три декади зреење и веќе мал милон избори, толку од нашите европски стандарди, од нашата европска политичка култура. Но виновни сме си самите кога на неизживаеани и недоквакани партиски бирократи им дозволуваме да се изживуваат врз буџетот, да трошат пари на глупости додека децата уште ни пожолтуваат по руинираните школски тоалети. Да нè ставаат под сателитски надзор како да сме терористи. И тоа, наместо ние нив, еве, тие нас. Уште и да не`деградираат и како гласачи и како граѓани и да не` третираат како крадачите да сме ние, а не тие. И тоа ни го прават токму оние што во бомбите ги чувме и за личните карти и за лифтовите и за списоците и за ендеците.
И сега, баш тие истите, тие чесните, тие правичните, ќе нè контролирале нас криминалците , нас грешните. Баш онака, ќе ни го прават тоа ем посветено ем докажано фингер примитивно. Во месецот кој што туку замина, ако за некои можеме да кажеме дека беа херои, би можеле епитетот да им го подариме на попишувачите. По цели дваесет години тие ја завршија операцијата. Си ја истуркаа обврската и, наспроти анти кампањите на лажните патриоти, на тие докажани уривачи на се`што е е некакво државно темелче, успеаја. Си ги оставија контрашите да си се прпелкаат во сопствениот пораз. И не само тие и таквите. Колку да не остане покуса, се јави и ГДУ, политичката партија на Бугарите од државава Македонија. Таа, партијата, немала да го признае пописот. Не прецизираа кој попис, овој нашиов овдешниов или оној тамошниот пиринскиот. Но сеедно. И така и пописот нема да ја признае ГДУ. Дури и за оваа службена државна операција, нејзините водачи не успеаја да се воздржат, а да не ја покажат својата покорност на столицата па се истрчаа со нови пизми. Баш онака, ем ступидно, ем фингер примитивно.
АДМИНИСТРАТИВНА КОМОЦИЈА
Ете, така некако мина и септември 2021. Но, како тргна, и овој месец не ќе е посаглам. Првиот прав го крена Министерството за државните чиновници. Предлага закон за во петоците администрацијата да работела само по четири часа. Јавноста веднаш предложи корекции. И во понеделниците да не работеле, да се одмореле од петокот. Да се дорелаксирале.
Баш онака, ем комотно, ем фингер примитивно.
Преземено од Цивил медиа. Текстот е личен став на Авторот.