Во пресрет на зимата, која скопјани највеќе ги асоцира на аерозагадување и смог, релевантни податоци покажуваат дека сепак од година во година жителите на главниот град дишат помалку загаден воздух. Неодамнешно истражување покажува дека загадувањето во Скопје се намалува постојано и без притоа за ваквата тенденција виновни да се атмосферските фактори.
Драстични промени во просечната температура во изминатите шест години нема, а и средната температура во најголемиот дел од времето се движи околу 14 степени. Речиси непроменета е и ситуацијата со ветровите во периодот од 2015-та до 2020-та година, додека пак единствена промена се регистрира кај врнежите, односно подождливи биле 2018, 2019 и 2020 година, за разлика од трите години претходно. Сепак кај загадувањето на атмосферскиот воздух и ПМ 10 честичките, ситуацијата е спротивна. Во 2019-та измерено е средно ниво на 51.53 µg/m3, кое е далеку помало од 2016-та година, со 71.91 µg/m3 средно годишно ниво на ПМ10 честички.
Па оттаму заклучокот на крајот на анализата вели дека ветровите и температурата не се главниот фактор за намаленото загадување на воздухот, а подобрувањето на состојбата се должи на спроведувањето на низа активности за изведба на ново и зачувување на постојното урбано зеленило, промоцијата на велосипедот како алтернативно средство за транспорт, изведбата на нови велосипедски и пешачки патеки и реконструкцијата на постоечките, во одредена мера придонесуваат кон намалување на загадувањето на животната средина.
Според анализата на резултатите на загадувањето на воздухот во февруари годинава во Скопје, со споредувањето на нивото на ПМ10 честички и бројот на денови на надминување, споредено со истиот период од претходните години, може да се заклучи дека позитивните трендови на опаѓање продолжуваат. Како пример, најзагадениот ден со максимална средно дневна концентрација на ПМ10 во Општина Карпош е од 471 микрограми на метар кубен во 2017-та, додека оваа година бројката е повеќе од четири пати намалена, односно изнесува 100 микрограми на метар кубен. Во 2021-ва Карпош и Гази Баба го бележат најниското ниво на максимална средно дневна концентрација на ПМ10 честички од 2015 година. Иако тенденциите за новата сезона за охрабрувачки, сепак резултатите во најголем дел ќе зависат од мерките и активностите што властите ќе ги преземат на краток и долг рок.
Токму темата за животната средина е класичен пример за неопходноста од добра соработка меѓу централната и локалната власт за надминувањето на проблемите како аерозагадувањето, бидејќи, како што сметаат експертите, кон ова прашање мора да се има сеопфатен пристап за да се постигнат резултати. Екологијата се најде високо во приоритетите на кандидатите за градоначалници на претстојните локални избори, додека истовремено Владата активно продолжува да ја турка зелената агенда.
Премиерот Зоран Заев истакна дека во двата мандати на македонската влада предводена од СДСМ, почнувајќи од 2017 година, целта е да се постават енергетските политики во Северна Македонија на стабилни и долгорочни основи базирани на чиста и зелена енергија за да се овозможат услови на раст на економијата во земјата, здрава животна средина и нови работни места.
– Еден од основните принципи на Владата е тоа што е зацртано во стратегиите и плановите, бргу да биде претворено во конкретни акции. Токму поради ова донесовме нова легислатива услогласена со европските директиви, како нов начин на поддршка на фотонапонските централи и во ветерниците. Тоа веднаш беше препознаено од страна на домашните и странските инвеститори, кои веќе ја завршуваат изградбата на истите – нагласи премиерот Заев.
Тој во интервју на ТВ Шења дека државата веќе е вклучена и помага за подобрување на состојбата со аерозагадувањето и генерално со животната средина.
-За инвертер климите 10 милиони евра ние инвестиравме, сите институции имаат дополнителни пари оваа и минатата година да ги менуваат системите на греење внатре, Клиничкиот центар денеска е на гас, затворот Скопје, Букурешт болницата, Куманово болницата, Струмица болницата, каде што има гас директно се поврзани на природниот гас, затоа што загадувањето присутно е во Скопје, но присутно е и во многу други градови во внатрешноста. Скопје е најизразено, се согласувам и скоро една третина од народот ни живее тука во главниот град на државата, но овие чекори коишто ги преземавме до сега во иднина ќе ги удвоиме, тројно ќе ги зголемиме како поддршка и помош на општините, изјави Заев.
Според него, мора да се внимава и во делот на урбанизацијата, но дополнително уште повеќе да се инвестира во зелени извори на енергија.
-Очекуваме да имаме две нови инвестиции на топловодни мрежи во Скопје заради инвестиции во гасни електрани коишто како втор продукт вадат топлинска енергија. Тоа ќе направи конкурентност во топлинската енергија и ќе биде попримамлива за разлика од сите други.
Д. Е.