Граѓанската активистка Мерсиха Смаиловиќ во текот на вчерашниот ден на својот Фејсбук профил прикачи објава и видео од случувања пред Владата. Имено, според описот на Смаиловиќ, на снимката се гледа како кандидатот за градоначалник од Левица за Шуто Оризари, Тефик Махмут, предводи исламска молитва (намаз) и преку мегафон се учи езан во центарот на градот, пред Владата.
„Денес пред владата на Македонија, кандидатот за градоначалник од Левица за Шуто Оризари, Тефик Махмут, предводеше исламска молитва (намаз) и преку мегафон се учеше езан во центарот на градов. Не можев да најдам вест за денешнава молитва и не ми е јасна причината за одржувањето верска колективна молитва на главната улица, пишува во објавата Смаиловиќ.
„Она што е “пиков” на изборнава кампања, е што се тужиме со лидерот на Левица, Димитар Апасиев, кога плашеше народ на Тв емисија, дека Скопје се “исламизира” и дека “оџата се слуша низ цело Скопје”.
Е сега јас може да го изгубам случајот поради овој чин на Левица, зошто сега тие организираат исламска молитва и учат езан во центарот на Скопје.
Без и малку доза на цинизам, навистина ме интересира причината за денешново собирање пред Влада и колективнава молитва.
Тефик ми е пријател на ФБ и баш се изненадив за неговата политичка опредeлба, ама ете, слобода на избор, колку и да изгледа чудно .“, напиша во својата објава Смаиловиќ.
Инаку, минатата година, Смаиловиќ на Фејсбук соопшти детали од кривичната пријава за ширење омраза, која таа ја поднесе против пратеникот на Левица, Димитар Апасиев.
Апасиев во септември минатата година одговараше пред надлежен обвинител за случајот, а потоа изјави дека добива закани за него и неговото семејство откако ги напишал статусите на Фејсбук, за кои е отворен предмет во Јавното обвинителство.
Смаиловиќ објасни дека пријавата е поднесена во јули, преку Хелсиншкиот комитет, за сторено кривично дело: Предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост, а во врска со неговиот статус во кој Апасиев ја тагирал и напишал: „Поздрав до мојата колешка, антисемитска муџахединка Mersiha Smailovic од СДС- клеропатријахална“ и во продолжение на објавата следела фотографија со текст „гласам за секуларна држава“.
Во пријавата стои дека првичниот текст на објавата предизвикал омраза, раздор и нетрпеливост кон припадниците на муслиманската вера во Македонија.
Минатата година во емисијата Само вистина на Канал 5, Апасиев рече дека државата е исламизирана.
„Па кај нас што е проблем? Видете ја цела држава исламизирана…. Видете го Бит Пазар. Исламизација. Радикален ислам. Вахабизам. Во 5 саат сабајле те буди оџа?“, му се обрати Апасиев на соговорникот Стојанче Ангелов.
И. З.