пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Кога комшијата ми е на гости, не гледаме телевизија, освен пред некој ден, кога играше Македонија-Германија (0:4). Најчесто тој пушта музика на мојот (!) телевизор, а често знае да се запени за политика. Јас? Неее, никогаш (wink!). Вистината е дека некогаш се „палиме“ како млади мајмуни на политика, а веќе сме стари за било какво „палење“.
Но морам да нѐ пофалам и двајцата, среде ова изборно време, и двајцата некако повеќе разговараме за астрономија отколку за политика. Добар одмор ми е тоа, после 12 часа, колку што вообичаено поминувам на работа (често и повеќе, до 16-17 часа). А ни тој не е од оние со по 7-8 часовно (не)работно време. Така, некако премолчано, се согласивме дека политиката не треба да ни одзема од „младоста и убоста“…
Вечерва, се изборив за далечинското и јас пуштав музика (тргнав со Rammstein, но за доброто на другите отидов пософт – 2WEI, Röyksopp) и му читав за едно откритие од областа на радио астрономијата на Science Alert. Малиот стан, поточно, ми се наполни со драги гости, комшијата не беше единствен. На другиот крај од собата, се водеше дискусија за ГУП-ови, мислам. Едно време задремав, среде некоја реченица за вселенските црвоточини. Се случува.
Кога си заминуваа гостите, се расонив. Си побарав друштво во Netflix (вчера почнав да ја гледам Another Life, стара е, 2019-та и не е ништо особено), за да заспијам повторно.
Да се разбереме, Casablanca (1942) или Apocalypse Now (1979) се вечни филмови, а на тие, две години стари уметнички достигнувања, им треба време да престанат да бидат стари. Ако не бидат фрлени во заборав. You see what I mean.
Кога, ете ти го комшијата, ми праќа видео исечок од еден празноглавец на ТВ Оливери.
„Заспаа моите, ќе го гледам сабајле, ако не е итно“ – му одговорив. Плиток ми е изговорот, тој знае дека до себе секогаш имам слушалки.
„Итно е“ – инсистира комшијата – „за тебе збори.“
„Пусти дете, нек се радује“ – му пишувам.
„Не ми се верува, колку гомна изеде за кратко време“ – инсистира комшијата.
„Отсекогаш бил глуп“ – го смирувам.
„Бетер од Грујо. Може и тој се чуди сега“ – продолжува комшијава, благо „запален“.
„Лесно е да бидеш бетер од Грујо, ако си поглуп од него“ – се обидувам некако да ја свртам приказната неуспешно, макар и кон радио астрономија. Шипки варени. Не ја вртам, се гледа.
„Кажи им на твоите да ти направат highlights утре“ – ме советува комшијата.
„Хахах, ма какви, немаме ние време за тоа, имаме поважна работа од вакви ликови, туку, глеј ова линков…“ – го вртам кормилото, конечно.
„Ми доаѓа да се исповраќам“ – останува тој на темата уште малку, но тука некаде се разделивме. Во оваа кратка размена на пораки имаше и други лирски изрази, но да не одиме во ситници сега, нели…
Пред конечно да ја напуштам оваа „оливери“ анегдота, си помислив, а тоа и го твитнав:
„Значи какви сѐ будали има на тоа „Оливери“ телевизијана! Не ги гледам, ама доволно ми е тоа што ми прераскажува комшијата понекогаш. Колку може мозокот да им биде закржлавен, чудо едно. Тажно, што би рекла една Солза.“
Твитов и не личи многу на мене. Обично ги игнорирам простаците и будалите. Повеќе ми се допаѓа тој претходно што го твитнав:
„Животот е избор. На некои им е доволно да прежи(ву)ваат, за други животот е постојана борба. Јас избрав борба.“ Ме инспирираше еден дијалог со моја другарка. Дефинитивно е подобар. Веројатно и затоа веднаш ми се закачија неколку неписмени простаци. Можеби гомцава не знаат дека ги игнорирам нивните брбушки, најчесто не ги ни читам и дека се занимавам со нивните газди…
Греотки. Како што нема да се занимавам ни со оној стварно многу грд празноглавец (што личи на полноглавец) на ТВ Оливери. Си има и тој газда. Сето тоа се неписмени гадинки на кои нема што да им се одговори. Имаат задача, кутрите партиски смрдливци. Можеби се и болни во умот. Не им се мешам во работата, а ни во болеста.
Ја напишав оваа белешка, додека серијата прелеваше разнобојна светлина преку горниот раб на мојот лаптоп и си реков да ги напишам последниве редови и да ја објавам сабајле со првото еспресо. Со тоа „големо“ решение направив fade-out со звуците на Another Life во слушалките и му се предадов на сонот.
Сите права се задржани. За пријатели е слободен. Текстот е личен став на Авторот.