Откако помина речиси целата кампања и на само неколку дена пред вториот изборен круг, господинот Кирил Пецаков се одважи и конечно призна дека неговиот план е Охрид да го врати назад во минатото и дека ќе биде слуга и маша на личните и бизнис интереси на поединци, истакна на денешната прес-конференција кандидатот од СДСМ за втор градоначалнички мандат во Охрид, Константин Георгиески.
Георгиевски посочи дека Пецаков јасно кажал дека планира да ги поништи, како што рече – сите наши досегашни заложби, големата посветеност, исполнувањето на препораките и почитувањето на законите, поради кои Охрид го зачува статусот на УНЕСКО. Пецаков заедно со криминалното ВМРО ДПМНЕ има намера повторно да го издава под концесија најатрактивниот и најзаштитениот дел од крајбрежјето на нашето Охридско Езеро, истакна Георгиески.
„Не можам да поверувам дека неговиот план е повторно да ги даде плажите во рацете на бизнис структури и да го врати концептот на стопанисување со крајбрежјето кој нанесе огромни штети на светското природно и културно наследство, со кое располага овој регион. Не ми е јасно како Пецаков како поранешен советник, пратеник и кандидат за градоначалник кој сака да управува со град како што е Охрид, покажува тотално непознавање на законите, го нема прочитано Планот за управување со светско природно и културно наследство и не му се важни препораките од УНЕСКО.
Не можам да поверувам дека за ситни политички поени, за наклонетост и политичко агитирање, веќе има склучено непринципиелни договори, за да ги задоволи апетитите на одредена бизнис фела и се расфрла со неостварливи ветувања. Не можам да поверувам дека гази врз природата и сите правни норми, дека повторно сака да ги одземе плажите од граѓаните и да ги врати во рацете на профитери.
Почитувани охриѓани, маските им паднаа, нивните лаги и манипулации пропаднаа, вистинското лице на ВМРО ДПМНЕ и нивната понуда за Охрид излезе на виделина! Да не дозволиме несериозни политичари, полни со омраза и очај, повторно да го однесат Охрид во непознат правец. Да не дозволиме Охрид да падне во рацете на луѓе кои имаат капацитет само да глумат во видео спотови кои го сквернават нашиот Охрид.
Да не дозволиме Охрид да им припадне на учениците на Груевски, кој имаше планови да го распродава крајбрежјето на белосветски криминалци од Индија, кој планираше да гради парапети околу езерото, да носи морска песок на плажите и кој со неплански концесии на крајбрежјето, нанесе голема штета на охридскиот туризам.
Нашата борба за Охрид е реална, ние сме многу поразлични од нив, ние сме тие кои носат храбри одлуки и на дело покажавме како се грижиме за Охрид. За разлика од нив, за прашањето за зачувување и уредување на крајбрежјето на Охридското Езеро покажавме јасен став и план. Ние не нудиме нереални ветувања, ние развиваме сериозен концепт со кој општината ќе ги уредува и ќе стопанисува со плажите, кои ќе бидат јавни и достапни за сите. Нашата замисла е Охрид конечно да добие уредени градски плажи по сите современи текови и еколошки препораки.“, рече Георгиески.
Тој нагласи дека во недела е денот на вистинскиот избор. Во недела, судбината на Охрид е во вашите раце, рече Георгиески.
„Во недела избираме дали Охрид ќе продолжи со започнатиот развој или ќе се врати во неизвесност и деструкција. Ја барам вашата доверба затоа што на дело покажав дека за мене Охрид и неговата иднина е над сите интереси! Охрид е мојот избор и најголемиот прироритет. Во недела да го заокружиме бројот 12 и да го избереме најдоброто за Охрид!“, потенцира Константин Георгиески.