пишува: МАРЈАН ЗАБРЧАНЕЦ
Вчера вечер, од дувлата на осоколената националистичка пропаганда излезе една мизерна лага која малкумина ја забележаа и за која важи тезата „вмро лаже, партизаните не лажат“.
Имено, папагалите на Алфа, еден стенд-ап комичар на фејсбук и еден квази портал што го срами името “Република” изнесоа лаги кои во теорија не ја заслужуваат мојава реакција, но во исто време тоа беа лаги кои ја вознемирија мојата фамилија Забрчанец во Прилеп.
Националистичката пропаганда синоќа изнесе лаги и клевети спакувани во прашална форма, дека јас сум бил наводно потомок на “подмочан благонадежен Блгарин” Божидар Забрчанец кој наводно и служел на “фашистичката окупаторска армија”.
Му благодарам на дувлото што ми ја мобилизираше партизанската прилепска фамилија Забрчанец, и што ме натера да се соочат со антифашизмот со факти и докази кои нема да им се допаднат:
- Дедо ми, Димитар (Димче) Забрчанец, на татко ми татко, е најмалиот брат на Божидар (Бошко) и на Спиро Забрчанец. Димче имал 15 години за време на Втората светска војна, бил калфа во градска фурна, печел леб и им носел храна на партизаните кои се криеле под и зад Маркови Кули.
- Во истото време, браќата на дедо ми, Бошко и Спиро, биле повозрасни од Димче и биле асли партизани. По Спиро е именувана и цела Месна заедница во Прилеп, Месна заедница со свој општествен објект/дом „Спиро Забрчанец“ (куриозитет на прогресивноста: првата техно журка во Прилеп се организираше во домот Спиро Забрчанец во 1995 година).
- Бошко Забрчанец е борец на Петтата Македонско народноослободителна Бригада – Прилепска (види прилог), кој после антифашистичкиот ангажман станува воено лице во Рашка, Србија каде се стекнал со чин мајор. Бошко бил меѓу многуте Македонци прилепчани кои во 1942-43 биле принудно однесени во Бугарија под закана дека ќе бидат стрелани. Бошко успева да се врати во Македонија и за време на војната се приклучува на своите другари партизани.
- Спиро Забрчанец е борец во НОВ одликуван со Орден заслуги за народ, Орден за храброст и со пофалници од работните организации, прилепски СКОЈ-евец, дел од оние 54 лица од Прилеп кои во 1943 година биле одведени во концентрациониот логор Ени Кеј (село Крсто Поле), Ксанти, а подоцна бил депортиран и на Бело Море.
Спиро успева да избега од Бело Море, се враќа во Македонија, најпрво се крие од фашистите, а потоа продолжува да се бори со другарите Партизани.
- Да сумирам, Димче, Бошко и Спиро Забрчанец се тројца браќа, истакнати антифашисти. Димче бил дете и им печел и носел леб на партизаните, Бошко бил партизан и подоцна воен мајор, а Спиро е борец со ордени за храброст.
Погледнете ги фотографиите и документите.
Вака изгледа уште еден непобитен, потврден, современ пораз на националистите.
Голем поздрав до мојата фамилија, особено до Наташа, Дарко, Кате, Горде, Анче, Цветанка и Ицко Забрчанец од Прилеп кои ја поддржаа оваа фактографија и во чие име го пишувам овој пост.
Слава им на починатите Спиро, Бошко и Димче Забрчанец и на нивните синови.