Влада Урошевиќ
Една жена го отвора самракот како чадор:
испаѓаат мртвородени деца, пердуви, една диња.
Автобуси проаѓаат како исплашено стадо.
Низ воздухот тече модрата речна тиња.
Еден прозорец се отвора како старо кино:
огледалото на ѕидот во розов пожар гори.
Мажите плачат, куклите пијат вино.
Сонувачите се будат сред купови ориз.
Секоја вистина станува проѕирна како лага.
Не е ни на сон ни на јаве она што се гледа:
бере ружи од бавчата уличната вага,
крај ѕидот водат љубов два велосипеда.
Влада Урошевиќ е македонски поет, раскажувач, романописец, книжевен и ликовен критичар, есеист, антологичар и преведувач. Роден е 1934 година во Скопје. Докторирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.
избор: Тања Кармзова Костиглиола