Вечерта на 5 ноември, кога лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, триумфално, на својот Фејсбук профил соопшти дека е формирано ново парламентарно мнозинство во Собранието со поддршка на Левица, Беса, АА и Алтернатива, Левица уште потриумфално соопшти дека е постигнат договор за пад на владата на СДСМ и ДУИ и дека ДУИ конечно ќе оди во опозиција.
„Конечно после 20 години ДУИ оди во опозиција! Со обезбедување на потребното мнозинство во Собранието на Република Македонија, загарантирано е распуштање на Владата преку гласање на недоверба – во случај Зоран Заев да не ја поднесе својата оставка. Овој договор, во ниеден случај, не значи коалицирање, и е со единствена цел – да се урне хибридниот режим на ДУИ и СДСМ. Левица и понатаму, односно и на идните парламентарни избори, ќе настапува самостојно – како единствен политички претставник на македонската угнетена класа. За идните избори и тоа кој и како ќе ги организира, претстојат понатамошни преговори во рамки на новото мнозинство“.
Вчера, лидерот на Левица Димитар Апасиев ги повика пратениците на Алијанса, Алтернатива и Беса да ја искористат „историската шанса“ во четврток да изгласаат недоверба на Владата и да ја пратат ДУИ во опозиција.
Ако пратениците на Алијанса, Алтернатива и Беса не ја искористат историската шанса во четврток да ја стават ДУИ во опозиција, тогаш на наредни избори (кога и да бидат) ќе бидат прегазени токму од ДУИ како шлепер жаба и никогаш нема да се повратат. ДУИ, од позиција на власт, ќе освои 18 пратеника, а они – максимум 9. Затоа, памет у глава – емоции на страна и се гледаме на седница. Оти, политика е ШАХ, напиша Апасиев на Фејсбук.
За каква историска шанса зборува Апасиев?
Знае ли Апасиев дека, доколку во четврток падне Владата на СДСМ и ДУИ тој нема да испише никаква историја и конечно после 20 години, како што вели, да ја испрати ДУИ во опозиција?
Знае ли Апасиев дека тоа веќе го стори Никола Груевски на изборите во 2006 година кога формираше Влада со Тачи, а Ахмети беше во опозиција? Ако не знае Апасиев, да го потсетиме.
Никола Груевски како тогашен лидер на ВМРО-ДПМНЕ и победник на парламентарните избори во 2006 година, на 28 јули доби мандат за создавање на нова влада од Претседателот Бранко Црвенковски. Новата влада беше изгласана во Собранието на 28 август и за неа гласаа пратениците од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ДПА, НСДП, ДОМ, ПЕИ и од ВМРО-Народна партија, со тоа што ВМРО-НП само гласаше за владата, но не стана дел од владината коалиција. ДПА на Мендух Тачи имаше 11 пратеници, НСДП на Тито Петковски – 7 пратеници, ДОМ на Лилјана Поповска – 1 пратеник и ВМРО-НП – 6 пратеници.
Мандатот на оваа влада заврши на 26 јули 2008 година, кога беа распишани предвремени парламентарни избори. ВМРО-ДПМНЕ на тие избори освои 63 пратеници. Груевски повторно стана премиер, а наместо ДПА, првпат во владина коалиција со ВМРО-ДПМНЕ влезе ДУИ, по т.н. Мајски договор меѓу Груевски и Ахмети, според кој победничките партии од македонскиот и од албанскиот блок ја формираат владината коалиција.
Оттука, Апасиев нема простор за никакво испишување историја со испраќање на ДУИ во опозиција.
Д. Е.