Според лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, нема Влада со партии кои немаат јасна цел.
„Во партијата имаме разговарано само за гласање на недоверба на Влада. Тоа денес не помина. За да биде Алтернатива дел од некоја Влада ќе треба да разговараме во партијата, но морам да напоменам – немВлада со партии кои немаат јасна цел, а тоа е ЕУ, НАТО“, порача Гаши во гостувањето во емисијата „Клик плус“ на ТВ21.
Тој додава дека немаат забелешки за СДСМ.
„Тие имаат заслуги за членството на државата во НАТО, имаат заслуги и за европската агенда“, порача Гаши.
Претседателот на Алтернатива, посочи дека ќе бидат конструктивни овој период.
„Ќе се консултираме со албанските политички фактори во регионот. Ни треба стабилност. Како претседател на опозициска партија би рекол дека добро е да има брзи избори, но како одговорен политичар сметам дека не треба да има избори. Не е одговорно и чесно кон граѓаните. На последните парламентарни избори граѓаните кажаа која Влада треба да ја води државата, на локалните избори граѓаните кажаа кој треба да ги води општините. Затоа велам, треба да сме одговорни и да бидеме конструктивни и кооперативни, треба да има стабилност во земјата“, порача Гаши.
Тој вели дека за тоа дали сакаат да бидат дел од актуелното мнозинство ќе треба да разговараат во партијата.
„Да направиме анализи. Да се консултураме со меѓународниот фактор и ќе донесеме одлука. Ако имаме силна потврда дека блиску сме до датум, тогаш немаме дилема каде треба да се ориентираме“, рече Гаши во Клик плус, на ТВ21.







