пишува: ВАСКО ЛАЗАРЕВСКИ
Напуштањето на БРТ системот на јавен превоз во Скопје е стратешка грешка, која ќе го заглави Скопје во нефункционален јавен сообраќај на среден рок. Сегашните автобуски линии функционираат според студија од 1984 година и нивно продолжување за станица, или две, нема да донесе никаква значителна промена.
Годишниот буџет на ЈСП Скопје е околу 30 милиони евра, што значи дека ако градот се обиде да воведе бесплатен превоз, ќе треба да обезбедува секоја година по толку пари од друго место. Ќе треба да се намалат други трошоци на градот, за да се зголеми инвестирањето во ЈСП. Освен зголемување на данокот на имот (прашање кое целосно зависи од централната власт) не гледам како ќе се дојде до таа сума. Затоа, мислам дека ова ветување на Данела е само непромислен популизам, решение издиктирано од маркетиншки побуди за време на кампања, кое нема да може никогаш да се спроведе, но ќе го заглави системот во падни-стани потези.
Исто така, ветувањето на 250 нови автобуси (кои само ќе се потопат во постоечкиот нефункционален јавен превоз на Скопје) нема никако да влијае на подобрувањето и функционалноста на услугата, освен што ќе овозможи некој да брцне во медот на процентите одвоени за аванта.
Би сакал да апелирам до градоначалничката Данела да размисли уште еднаш за нејзините решенија во однос на јавниот превоз. Да го разгледа детално проектот за БРТ и ако смета дека е потребно, нека направи унапредување на тој систем. Претпоставувам дека е советувана цврсто да се држи до двете ветувања колку и да се штетни и неостварливи, но градење наратив врз две предизборни јадици за гласови, останува само празен наратив и обидите за негово спроведување ќе донесат само штета. Без вистинска придобивка за Скопјани.
Текстот е личен став на Авторот. Creative Commons 4.0 (дозволено преземање, со линк до изворот).