Директните инвестиции во Србија се субвенционираат повеќе од 15 години, а во тој период на странски инвеститори им биле одобрени повеќе од 93 отсто од средствата, пишува месечниот „Бизнис и финансии“, јави Бета.
Само 2,1 отсто од поддржаните инвестиции се во областа на високите технологии, а во последните пет години речиси 80 отсто од вкупните директни инвестиции се пласирани во типично трудоинтензивни активности, со заработка под националниот просек.
Политиката на поддршка на директните инвестиции, која првично беше дизајнирана како двигател на растот на продуктивноста, модернизација и подобрување на конкурентноста на српската економија, како што посочуваат од „Бизнис и финансии“, стана инструмент за корекција на лошиот систем на одданочување на трудот во кое оптоварувањето со даноци и придонеси е речиси исто во секторите на висока и ниска заработувачка.
На крајот на преткризната 2019 година беа издвоени вкупно 638 милиони евра за субвенционирање на 2.912 инвестиции, вредни над 2,7 милијарди евра. Во периодот од 2016 година, кога беше донесен Законот за инвестиции, до 2020 година се потпишани 121 договор за распределба на средства за поттикнување на инвестициите.
Вкупната вредност на овие инвестиции изнесува над 2,5 милијарди евра, државните стимулации за тие намени се 459 милиони евра, додека врз основа на склучените договори се планира отворање на околу 46.000 нови работни места.
Кога се гледа просечната вредност на субвенциите, на странските инвеститори им биле одобрени 6,4 пати повеќе средства по проект.
извор: МИА