Димитар Ковачевски денеска официјално ја поднесе кандидатурата за претседател на СДСМ – Социјалдемократски сојуз на Македонија и програмата со наслов „Заедно, одговорно и посветено“.
Тој во објава на Фејсбук истакнува дека треба да се извлечат поуки и да се направат сериозни промени за да се врати довербата, да се обедини членството, за брзо враќање на победничка патека.
„Граѓаните бараат работа, решенија и многу одговорност. Tреба да извлечеме поуки и да направиме сериозни промени за да ја вратиме довербата, да го обединиме членството и брзо да се вратиме на победничка патека. За ова да го постигнеме мора да поставиме стручни и посветени луѓе на сите позиции кои ќе донесат вистинска промена и ќе работат одговорно. Верувам дека само вака ќе ја вратиме довербата на граѓаните во институциите, но и дека ние како држава можеме и умееме сами. Мој приоритет ќе биде домашната политика, ефикасно работење и реализација како и подобрување на економскиот стандард на граѓаните“, вели Ковачевски.
Тој наглсува дека сега е одговорно да се преземе чекор и да се делува.
„Во време на предизвици со кои се соочува нашето македонско општество одговорно е да се преземе чекор, да се делува. Затоа се кандидирам за претседател на партијата. Ве повикувам да ја прочитате мојата програма и да се вклучите во нашето заедничко движење. Да ја направиме СДСМ ефикасна, организирана и посветена на решавање на проблемите. Заедно, одговорно и посветено“, наведува во објавата Ковачевски.
Ј. Ѓ.