Интернет – порталот „Фронтлајн“ со текстот насловен „Инспекција во Театар Комедија, Нора Шаќири пријавена за мобинг“, не ги прекршил етичките и професионални стандарди, известија од Советот за етика во медиумите (СЕММ).
Како што наведуваат од СЕММ – Комисијата за жалби утврди дека жалбата е НЕОСНОВАНА и едногласно одлучи дека нема прекршување на Кодексот на новинарите на Македонија. Членовите на Комисијата не најдоа доволно елементи за да констатираат неточно и нефер известување и незастапена втора страна, односно прекршување на Кодексот на новинарите во членот 1, на кој упатува жалителот.
Образложението од одлуката на СЕММ ви го пренесуваме во целост:
На седницата на 30 ноември 2021 година, членовите на Комисијата за жалби ги разгледаа наводите на жалителот и извршија увид во спорната содржина. Комисијата, најнапред, заклучи дека текстот произлегува од јавниот интерес, зашто работата и постапките на носителите на јавни функции се легитимна новинарска цел и не смеат да бидат изземени од теми за кои јавноста треба да биде информирана. Се работи за вест во низа од три текста. Предмет на новинарска опсервација е јавна личност и в.д. директорка на Театар Комедија, Нора Шаќири Марковиќ за вршење наводен мобинг во културната установа. Интернет – порталот „Фронтлајн“ објавува куса вест дека во тек е инспекциски надзор по пријава за мобинг во Театарот со назнака дека повеќе информации ќе следуваат во текот на денот.
Став на Комисијата е дека, иако текстот можел да биде подобро и попрецизно обработен, содржината не отстапува од етичките и професионални стандарди. Ова, пред сè, од причини што информацијата е точна и потврдена од релевантна институција и што медиумот, по објавувањето на првичната неофицијална информација, се обратил до сите надлежни институции (како потврда за тоа, „Фронтлајн“ во одговорот на жалбата приложи принтскринови од електронската комуникација со институциите).
Побаран е став од Театар Комедија за да ги потврди наводите, од каде што медиумот не добива одговор. Контактирани се и Министерството за култура и Државниот инспекторат за труд, од каде ги потврдуваат наводите дека била поднесена анонимна претставка за наводен мобинг од страна на работодавачот и дека во Театарот веќе бил извршен вонреден инспекциски надзор.
Оттука, Комисијата оцени дека „Фронтлајн“ го испочитувал основното новинарско правило и побарал став од сите засегнати страни во новинарскиот производ. Информацијата е точна, читателите не биле доведени во заблуда, а веста не била предмет на демант или реакција за искажаното. Комисијата констатираше дека порталот објавил уште две содржини на истата тема, вклучително и текст со интегрално пренесен статус на разрешената в.д. директорка Шаќири Марковиќ, објавен на Фејсбук.
Комисијата на крајот се согласи дека критичкото следење на настаните, а особено на работата на носителите на јавни функции и национални установи се меѓу главните задачи на новинарите. Во согласност со Декларацијата за слободата на политичката дебата во медиумите, носителите на јавните функции и јавните институции прифатиле да бидат поставени под јавна критика за нивниот домен на работа.
* * * Во согласност со наведеното, Комисијата одлучи како што е погоре наведено. Во работата на Комисијата учествуваа членовите Мирче Адамчевски, Сефер Тахири, Мери Јордановска, Теофил Блажевски, Лилјана Пецова Илиеска, Ердем Ахмет и Димитар Мицев.







