ЈАНЕ ЃОРЃИОСКИ
Беше тоа една од оние зими со малку снег. Март ги покажуваше последните заби а будењето на вегетацијата ја навестуваше пролетта.
Со Денис, Кочо, Ермира и Самет се запознавме на еден семинар за мултикултура во Крушево и оттогаш дружбата ја продолживме искачувајќи заедно, прво ритчиња, потоа планини и еве стигнавме да ја освоиме Солунска Глава.
Во Планинарскиот Дом „Чеплес“ нè чекаше Арбен – нашиот водич, со уште двајца негови пријатели, а потоа ни се придружија и дваесетина други планинари. Искачувањето на Солунска Глава беше предизвик кој уште при првата наша планинарска тура си го ветивме дека ќе го оствариме.
По кратко муабетење и основни совети од поискусните планинари, тргнавме. Другарите на Арбен беа на чело, а јас и тој останавме на опашката од колоната.
Се погоди сончево утро, мерак за качување. Патеката од планинарскиот дом Чеплес продолжува по Букова Шума до Долна Бабина Дупка, каде има извор.
По пат Арбен ме праша: Немој да ме сфатиш погрешно, но како успеавте да формирате ваква „шарена“ екипа, а толку природна и симпатична?
Накратко му раскажав како тргна приказната од пред 6 години во Крушево, за дружбата, дека едно дишеме како да се знаеме цел живот. Му кажав и дека секој втор викенд сме на различна планинарска дестинација и се дружиме со часови, некогаш и цел викенд.
– Алал да ви е!, се насмевна и ја почна својата приказна Арбен:
Во 1995/96 година бев војник во Струмица. Струмичката касарна беше една по поголемите. Бевме „гуштери“ со два месеци артилериска обука претходно во Прилеп. Како што кажуваа постарите војници и помладите подофицери, во струмичката касарна секогаш имало помалку македонци отколу албанци. Велат, тоа било намерно така направено – во касарните во моно-етничките средини, да преовладуват помалкубројните заедници
Тогаш, вели Арбен, беше битно кој што е, а беше и нормално да се праша. Тоа беа времињата во кои Балканот гореше, те на едно, те на друго место.
„Имавме двајца капетани македонци и еден поручник албанец. Капетаните учествувале во боиштата низ бившата држава, па се вратиле во Македонија, а поручникот Ќазим пак, од Косовска Митровица уште во осумдесетите години на минатиот век го преместиле во Скопје, па завршил во Струмица. Ќазим спиеше во кругот на касарната. За разлика од другите, секогаш беше насмеан и отворен за муабет и во една прилика го прашав зошто живее во тие влажни стари скапани две касарски простории, кога со платата што ја зема може да си дозволи да изнајми стан во градот. Ништо не ми одговори, само се насмеа. Капетаните пак, толку беа исти што не сакаа да се сретнат на патот, не можеа да се поднесат еден со друг и не го криеа тоа. Дотогаш само на филм бев видел таков личен антагонизам. А за нивна беља, мораа да комуницираат секојдневно.“, рече Арбен.
Стигнавме до изворот. Направивме 5 минути пауза, ги наполнивме термосите со изворска вода и кинисавме по патот угоре. Ни завртија мајтап другиве од мојава екипа дека многу сме се замуабетиле, да не загрешиме работа, а јас им викам, а бе збор немам зборнато, Арбен тоа.
Во минофрлачкото одделение бевме тројца Албанци, петмина Македонци и двајца Роми, продолжи Арбен и додаде:
„Откако ни дадоа излез за во град, секогаш заедно одевме во ист кафич. Во една прилика келнерката која веќе нè познаваше и си имавме шега муабет, рече – „Шо, да нè е шиптар некој од вас?“. Како по наредба сите истовремено само станавме, ја „поздравивме“ со поглед и заминавме. Остана „бела во очите“ со прашалници што згрешила. Не се сеќавам од кои причини го праша тоа келнерката, оти после инцидентот никој ништо не зборна за тоа никогаш повеќе. Не заврши многу среќно војничката приказна од нашето артилериско одделение. И покрај сета живеачка за тие шест месеци, ден пред да си одиме дома, кога ги раздолжувавме униформите, на еден од војниците му го снема маскирниот џемпер и значката од капата. И почнаа искрења и кавги. Многу непријатно беше да се види како сите, одма – во ист момент се затаборивме во етничките кланови. Да ти се плукнам во клановите од по два-тројца да ти се плукнам“
А гледаш, ми вели Арбен, сега мислам дека и покрај што постапивме сите искрено и другарски во ситуацијата со келнерката, грешка беше што не зборнавме меѓусебно за тоа. Можеби затоа и она после џемперот ни се случи така? А мислам дека само со муабетење се решаваат работите. Ако не ги ставаме под тепих, ами се соочиме, па колку било тоа незгодно, инсистираше Арбен.
Сега веќе се зборува за тие работи, му велам. Има некако атмосфера во општеството отворено да се разговара. Далеку сме од нешто салам асолно и не дека нема повеќе инциденти, ама тоа се баш инциденти, а не правило, додадов.
Додека се оддалечувавме од изворот и одевме по патеката до аргачот, минувавме по густа зимзелена шума. Водичите што беа на чело од колоната, раскажуваа што е следно после ова. Во сета таа убавина околу нас, од никаде се зададе магла. Отпрво ретка, за потоа како што се качувавме нагоре едвај го гледавме човекот пред нас. Си ги прераскажував молчејќи во себе муабетите од Арбен. Дали навистина Арбен и другарите требале да и вратат нешто на келнерката. Уште поважно, дали потоа требало или не да разговараат за инцидентот? Дали мајчин џемпер не го муфтосал некој од другите одделенија и зошто побогу не го расчистиле тоа?
Ми се чинеше чудно дека молчевме подолго време. Поттрчав да ги видам моите како се држат. Беа весели и размуабетени со некои секојдневици. Самет како по обичај го пецкаше Денис за промашената пратка од Али Експрес за батерија за телефонот, а Кочо и Ермира си правеа планови – дали во Софија или во Солун да одат за мебел од Икеа. Е, да, во овие шест години планинарска и рамничарска дружба, се роди љубов помеѓу Ермира и Кочо.
Маглата како дојде така си замина. Чекоревме по ливади и треви до самиот врв. Имаше и неколку баш опасни литици, ама поминавме. Не ни сетивме кога поминаа 6 часа искачување.
Горе, на врвот, Арбен среќен за успешното качување на Солунска Глава, ми дофрли:
„Вие сте една многу весела дружина и баш се радувам за вас, но имаме уште многу планини за качување и уште многу магли за растерување сите заедно.“
– Мислиш дека тогаш конечно ќе можеме да го видиме Солун од врвов на „Мокра“?!, му вратив низ смеа.
Како што се качивме, уште попитомо и слеговме во подножјето на Јакупица. Пред да се разделиме, му довикнав на Арбен:
– Поздрав Арбен! Се гледаме на свадба кај Ермира и Кочо, само што ми кажаа дека те поканиле. И носи од биеното сирење на зет ти што го фалеше, ако сакаш да те пуштам на оро до мене, хахаха…