На денешниот брифинг со новинарите министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, направи куса ретроспектива на најважните моменти од неговото и работењето на МВР во изминатава година.
На почетокот, министерот Спасовски рече дека безбедносната состојба на подрачјето на државата може да биде оценета како генерално стабилна во текот на целата 2021 година и без регистрирани сериозни безбедносни настани.
„Во периодот јануари-ноември 2021 година бележиме дури и намалување на инкриминациите во споредба со истиот период од минатата година (регистрирани се вкупно околу 20.000 кривични дела, реализирани околу 12.500 дела за кои кривично се пријавени 15.000 сторители), со што е постигната вкупна ефикасност од околу 61%. Притоа, сузбиени се седум организирани криминални групи, од кои пет за недозволена трговија со дрога во кои дејствувале 24 членови и по една за криумчарење мигранти и бесправна сеча на шуми. Од нив едната е 10 члена поликриминална група која првенствено се занимавала со недозволена трговија со дрога, при што четворица членови од неа биле инволвирани и во вршење на недозволена трговија со оружје и муниција. Во делот на корупцијата забележано е зголемување на откривачката дејност за 58,3%, споредбено со истиот период од претходната година.“, брифираше Спасовски.
Тој нагласи дека во рамки на спречување на недозволената трговија со дрога, беа преземени интензивни мерки и активности во чии рамки беа пресечени 16 меѓународни транспорти на марихуана и хашиш, во вкупен износ од околу 1 тон и 600 кг.
„Покрај последната голема операција во која беше запленета голема количина прекурсори (псеудоефедрин) како што вие ја нарековте „Диво насеље“, а лишени од слобода беа 10 лица кај кои беше најдена и дрога, во периодот од јануари до ноември извршени се над 400 претреси на дом и помошни простории, 350 прегледи на лица/возила и едно пребарување на терен. Воедно, откриени се и три насади со марихуана на подрачјето на Охрид, Струмица и Тетово, две лаборатории за марихуана во станови во Скопје и една во Катланово. Поради сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ мерки од овластувањата се преземени кон 941 лице. Покрај во откривачката функција на полицијата, постигнати се и одлични резултати во заплената на наркотична дрога, и тоа над 1.800 кг марихуана, околу 20.502 стебла марихуана, 2.300 семки канабис, околу 1.500 таблети, 8 кг хашиш, околу 1.200 гр хероин, потоа амфетамин, кокаин, хашиш смола… Поднесени се кривични пријави против 287 сторители за 215 кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, како и шест дела „овозможување на употреба наркотични дроги“, рече Спасовски.
Истакна дека успеси се бележат и во областа на недозволената трговија со оружје.
„Откриените кривични дела бележат зголемување за 23,4 %, а заплените со оружје, муниција и пиротехнички средства се зголемени повеќекратно. Или, во апсолутни бројки откриени се 153 кривични дела, за што кривично се пријавени 161 сторител. Во рамките на откриените кривични дела, запленети се вкупно 300 парчиња оружје, околу 13.000 парчиња муниција, 8.995 каписли, 52 проектили, 144 чаури, 39 сандаци со муниција, 130 полнења за гранати, 3.910 грама барут, околу 140.000 пиротехнички средства, 548 ракети и 360 делови за оружје“, нагласи Спасовски.
Министерот рече дека 2021 е подобра од 2020 и во однос на сообраќајот, односно, како што истакна, имаме тенденција и на намалување на бројот на жртвите во сообраќајните несреќи.
„Засилените акциски контроли на полицијата резултираа со зголемување на превентивно-репресивните мерки: регистрирани се 178.053 прекршоци, кои бележат зголемување за 70% компаративно со истиот период од 2020 година. За 80% зголемени се барањата за поднесување прекршочна постапка – 51.306 барања, додека топ три прекршоци за кои се поднесени барања се: брзо возење, управување без возачка дозвола и употреба на нерегистрирани возила. Во меѓувреме, МВР редовно презема контроли на возилата кои вршат јавен превоз во државата и ги упатува на технички преглед, така што од почетокот на годината до средината на овој месец на територија на Република Северна Македонија вкупно се упатени на технички преглед 2.354 автобуси, при што 404 од нив се санкционирани поради технички неисправности (кочници, уреди за управување, дополнителна опрема). И затоа, не случајно нашата држава беше рангирана како најбезбедна држава на Западен Балкан, со скок од 71. место на 40.место за неколку години.“, рече Спасовски
Тој истакна дека во делот на миграцијата, балканската транзитна рута е сè уште актуелна и покрај пандемијата со Ковид-19, но сепак, бројот на илегални преминувања годинава бележи нагорен тренд на грчко-турската граница, додека во нашата држава обидите за илегални преминувања на границите со соседните земји бележат опаѓачки тренд за 36,5%.
„Спречени се околу 18.000 обиди за илегално преминување на границите или речиси 10 илјади обиди помалку во споредба со истиот период минатата година, и тоа најмногу на јужната граница. Како логична последица на тоа е и трендот на намалување за повеќе од 60% на откриените случаи на криумчарење мигранти, а бројот на поднесени нови барања за азил е намален дури за 70%. Поднесени се вкупно 36 кривични пријави за сторени 38 кривични дела „криумчарење мигранти“ против 57 сторители и две дела „организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе и криумчарење мигранти“ против 12 сторители. Покрај овие кои се веќе дел од статистиката за изминатиот период, деновиве имавме уште една акција при што лишени беа од слобода две лица и поднесена е кривична пријава за криумчарење мигранти, а во напуштени објекти во село Горно Којнаре, кумановско, беа пронајдени 40 лица – мигранти.“, нагласи Спасовски.
За инвестициите во капацитетите на министерството, Спасовски потенцира дека целосно се реконструирани 69 објекти, кои како што рече, со децении не беа допрени и никој не се запраша дали вработените имаат основни услови за работа.
Покрај ова, тој издвои дека континуирано се вложува во нова генерација на комплетно опремени и задоволни полициски службеници.
„Се набавија униформи за специјалните единици, и тоа повеќе комплети, униформи и чевли доби и Униформираната полиција, па Одделот за заштита на определени личности и објекти во рамки на БЈБ, за Хеликоптерската единица, а целосно нова униформа е обезбедена и за младите полицајци и приправници. Покрај ова, ги исплативме трите заостанати бонус плати за прекувремено изработени часови.“, информира Спасовски
Министерот рече дека во 2022 година ќе се обезбеди зголемување на платите за 5% на полицијата, и издвои дека се обезбедени и средства за бонус плата за оствaрени над 150 часа прекувремена работа на годишно ниво во текот на 2021 година.
На новинарско прашање дали останува на партиските функции Потпретседателот на СДСМ, Оливер Спасовски рече дека поднел оставка од функцијата потпретседател во партијата.
М. Ацковска