Најмалку уште тројца учесници на Австралија опен со исто медицинско ослободување како Новак Ѓоковиќ се веќе во земјата, а уште повеќе ќе пристигнат во текот на следната недела, изјави извор за Ројтерс.
Ѓоковиќ го поминува православниот Божиќ во притвор, откако му беше откажана визата по пристигнувањето во Австралија, кога официјалните лица пресудија дека неговата документација е недоволна за да му дозволи влез во земјата додека е невакциниран.
Политичките последици, и дома и во странство, се интензивираа во текот на ноќта бидејќи правниот тим на Ѓоковиќ подготви документи со цел да го продолжи неговиот престој по сослушувањето на Федералниот суд во Мелбурн во понеделникот.
Сепак, 20-кратниот победник на Грен слемовите, можеби не е единствениот што се надева дека ќе учествува на Австралија Опен, а може да се соочи со отстранување од земјата.
Министерката за внатрешни работи Карен Ендрјус потврди дека австралиските гранични сили ги проценуваат ингеренциите на двајца други кои влегле во земјата под истото ослободување дадено како тоа на Ѓоковиќ.
Извор запознаен со ова прашање изјави за Ројтерс дека трет учесник на Грен слем исто така влегол во Австралија на истата рамка, која била поставена од „Тенис Австралија“ и владата на државата Викторија.
Можно е да има и други играчи или официјални лица кои допрва треба да пристигнат во Австралија, вели изворот за Ројтерс.