„Усменија” е првата збирка поезија на поетесата Мариета Дукиќ од Струмица, во издание на Друштвото за наука, литература, култура и уметност „Иван Василевски”, а промовирана синоќа во Пијано бар „Космополит” во Струмица.
Погледнете го краткиот поетски филм:
Авторката нижи слики од нашето и од едно друго, подалечно време на врвката на животот и со нив создава една опојна микстура од носталгија и сеќавања што допираат во индивидуалната, но и во колективната меморија. Поетските пејзажи на Дукиќ оживуваат села на смртна постела, покојни љубови и обезглавени надежи на еден кроток начин што неминовно го дразни она што во човека е непокорно – жедта за љубов, вистина и правда. Краткиот поетски филм е успешен обид на Кире Пиличев да го поврза зборот со сликата, со цел да стимулира повеќе сетила одеднаш и на тој начин да остави трага во современата македонска литература, своевиден аманет за идните генерации.
Избор и краток осврт: Тања Кармзова Костиглиола