Британскиот премиер Борис Џонсон се соочува со две истраги во врска со наводите дека „Даунинг стрит 10“, неговата канцеларија и резиденција, постојано ги кршеле ограничувањата на владата за коронавирусот со одржување социјални собири, внатре и на отворено, пишува Вашингтон Пост.
Некои од тврдењата се поддржани со фотографии, видеа и размени на е-пошта. Други се потпираат на владини извори. „Даунинг стрит“ и се извини на кралицата Елизабета Втора за двете забави на 16 април, пред погребот на нејзиниот сопруг. А Џонсон, говорејќи пред Парламентот, се извини за понатамошниот настан, забавата во градината „донеси си алкохол“ на 20 мај 2020 година. Но, во многу случаи, канцеларијата на Џонсон тврди дека собирите биле работни настани.
Во вторникот, Метрополитанската полиција објави кривична истрага за „потенцијални прекршувања“ на правилата за локдаун во изминатите две години, на „Даунинг стрит“ и други владини згради во Лондон. Државниот службеник Сју Греј води уште една истрага, а извештајот се очекува оваа недела.
Еве преглед на тврдењата што можеби ги разгледуваат:
„Сирење и вино забава“
Гардијан објави фотографија од „журка со вино и сирење“ што се одржа во градината на „Даунинг Стрит“ на 15 мај 2020 година, кога собирите на повеќе од две лица беа забранети на јавни места на отворено. На сликата се гледаат премиерот, неговата сопруга, 17 вработени и шишиња вино. „Даунинг стрит“ рече дека персоналот разговарал за работа.

„Донесете си свој алкохол- Забава“
Приватниот секретар на Џонсон, Мартин Рејнолдс, испратил е-пошта до десетици вработени, охрабрувајќи ги да „донесат свој алкохол“ на забава на 20 мај 2020 година – во време кога на јавноста и беше забрането со закон да се сретне со повеќе од едено лице надвор од нивните домаќинства.
Џонсон призна дека присуствувал на собирот на отворено „25 минути“. „Гледано од сега, требаше да ги вратам сите внатре и да најдам друг начин да им се заблагодарам“, рече премиерот.
Роденденот на Џонсон
„ITV News“ објави дека сопругата на Џонсон, Кери, помогнала да се организира попладневна забава со изненадување на која присуствувале околу 30 луѓе за роденденот на премиерот на 19 јуни 2020 година. Гостите наводно ја пееле „Happy Birthday“ додека на Џонсон му подарувале торта. Истата вечер, објави телевизијата, семејството и пријателите се собрале во резиденцијата на Џонсон.

Уште една забава на „Даунинг стрит“
На 13 ноември 2020 година, истиот ден кога главниот советник Доминик Камингс беше избркан, наводно имало забава во резиденцијата на Џонсон и на неговата сопруга, станот над „Даунинг стрит 11“ .Според Камингс, биле испратени формални покани. Лондон во тоа време беше под ограничувања од Ниво 3, спречувајќи домаќинствата да се мешаат во затворени простории. Запрашан дали има забава на овој датум, Џонсон му одговори на парламентот: „Не, но сигурен сум дека што и да се случи, упатствата беа следени и правилата беа почитувани во секое време“.
„Импровизирана забава во Владина канцеларија“
Персоналот пиел за да го прослави прегледот на трошоците на канцеларот Риши Сунак на 25 ноември 2020 година. Портпаролот на Министерството за финансии рече дека „мал број“ вработени славеле на нивните дескови.

Пабовите во градот во тоа време беа затворени поради прописите за коронавирус.
„Забава за заминување“
На 27 ноември 2020 година, Џонсон, наводно, забележал колку била преполна просторијата во Даунинг стрит пред да одржи говор на, како што објави Гардијан, импровизирана проштална прослава за помошничката Клео Вотсон.
„Вино и канапеи во Владина канцеларија“
Одделот за образование призна дека одржал божиќна забава на 10 декември 2020 година, при што персоналот се собирал внатре во зградата после работа, и покрај тоа што социјалното мешање меѓу домаќинствата е забрането. „Собирот беше искористен за да му се заблагодари на персоналот за нивните напори за време на пандемијата“, рече портпаролката, додавајќи дека, од сегашна гледна точка ќе беше „подобро да не се соберевме на овој начин во тоа време“.
„Петок е за вино“
„Мирор“ објави дека персоналот на „Даунинг стрит“ одржувал повторливи „петоци за вино“ во текот на пандемијата, при што вработените наизменично носат куфер до супермаркетот за да се снабдат со вино. Таблоидот објави фотографија од, како што рече, фрижидер со 34 шишиња за вино кој се доставува низ задната врата на зградата на 11 декември 2020 година.

Исто така, вработените во „Даунинг стрит“, наводно, биле меѓу присутните на забавата на 14 декември 2020 година во седиштето на Конзервативната партија. Наводно, забавата вклучувала танцување до раните утрински часови, и покрај ограничувањата на Ниво 2 во Лондон. Поранешниот кандидат за градоначалник на Лондон, Шон Бејли, се извини откако се појави фотографија и поднесе оставка како претседател на комисијата за полиција и криминал на Собранието на Лондон.
Божиќен квиз
На 15 декември 2020 година, „Даунинг Стрит“ бил домаќин на Божиќен квиз за вработените. Фотографијата објавена од Мирор го прикажува премиерот како чита прашања покрај едниот помошник облечен како Дедо Мраз, а другиот со капа на Дедо Мраз. Во тоа време, социјалното мешање меѓу домаќинствата беше забрането.

„Пијачки и танцување во одделот за транспорт“
Вработените во Одделот за транспорт пиеле и танцувале по работа на 16 декември 2020 година, бидејќи Лондон беше ставен под „многу висока готовност“ и принуден на ограничувања од Ниво 3. Одделот се извини за „несоодветниот“ настан и за „грешката во проценката“ на неговиот персонал.
„Забави на персоналот во кабинетот“
На 17 декември 2020 година, додека Англија беше во карантин, членовите на персоналот од кабинетот се собраа да се збогуваат со Кејт Џозефс, поранешен висок државен службеник што ја предводеше владината работна група за коронавирус. Џозеф тогаш се извини. На посебен собир истиот ден, персоналот на секретарот на кабинетот Сајмон Кејс присуствуваше на настан насловен како „Божиќна забава“. Портпаролот на владата рече дека тоа бил „виртуелен квиз“ и дека Кејс не учествувал, туку отишол низ канцеларијата. Кога се појавија извештаи за собирот, Кејс се повлече од водењето на истрагата за забавите на „Даунинг стрит“.
„Збава за време на жалост“
Во пресрет на погребот на принцот Филип, на 16 април, вработените одржаа две забави за колегите кои заминуваат од „Даунинг Стрит“. Следниот ден, кралицата Елизабета Втора беше фотографирана сама како го оплакува нејзиниот сопруг со кој живее седум децении, бидејќи ги почитуваше ограничувањата за коронавирусот што ги постави владата на Џонсон.

„Даунинг стрит“ и се извини на Бакингемската палата за непримерните настаните што се случија во време на „национална жалост“ и за време кога мешањето во затворен простор беше забрането.












































































































