Зголемување на минималната плата деновиве е жешка и актуелна тема, како и средбите на синдикатите, работадавачите и владини претставници. Иако дијалогот уште е е во тек и не е постигнат конечен договор, според дадените изјави во медиумите, може да се забележи дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и поранешниот министер за финансиии, Трајко Славески имаат спротивни ставови.
Во гостувањето на Канал 5, Мицкоски рече дека се согласува на раст на минималецот, но само доколку се нивелираат и сите останти плати
„Деновиве се зборува за минималната плата, каков е вашиот став?” Мицкоски: „Тоа е една чудна непопулистичка од една страна приказна, од друга популистичка. Синдикатите велат минимална плата 18 илјади, работодавачите велат тоа е нема да го издржиме ќе ги завршиме бизнисите. Но, суштинскиот проблем е дали ако имаме ние минимална плата од 18 илјади денари ќе ги нивелираме сите останати плати нагоре. Тогаш сме „за”. Ако ние потоа ги нивелираме сите останати плати линеарно на ова зголемување, тогаш сме за, затоа што сите работници треба да го остварат тоа право“, рече Мицкоски.
За разлика од лидерот, Славески за ТВ 24 рече дека се прифатливи барањата на работодавачите, да се промени методологијата за пресметка на минималецот, односно поголема тежина да има порастот на цените во усогласувањето на минималната плата.
„Во спротивно, ова што го бара Синдикатот се коси со целокупната практика во Европа и во светот. Минималната плата не може да се однесува на преку 20 проценти од вработените како прво, и не може да биде 60 проценти од просечната, кога Европската унија која изрично наложува максимум да биде 50 проценти“.
Според Славески вaквото зголемување од 18.000 би придонело најголем дел од компаниите да затворат.
Со ваквите ставови на проф. Славески очигледно ВМРО-ДПМНЕ ги напушта позициите за заштитник на народот спротивставувајќи се на интересите на работниците од кои огромен дел се и подржувачи на оваа парија.
На изјавата на Славески веднаш реагираа и од Сојузот на синдикатите на Македонија.
ССМ на својата фејзбук страница ја објавија реакцијата на СИНДИ @ Е-советник за работнички права. Во објавата иронично пишува „го разбираме Трајко Славески поради тоа што тој во Македонија прима плата во висина на минимална плата во Германија, па веројатно и тој е револтиран што е на германски минималец во Македонија. 50% од просечната плата во Германија е 1.400 евра а во Македонија 14.000 денари, па еројатно му е тешко да го преживее месецот како на 110.000 работници, па затоа ги поддржува работодавачите, а не работниците“.
Различните ставови на Мицкоски и Славески ја „збунија“ јавноста која се прашува дали има „проблеми во Рајот?“.
Ваквите ставови на претставникот Славески се и сосема спротивни на апелите на граѓаните во анкетата на ТВ Алфа во која ги осудуваат сите оние кои се против зголемување на минималната плата.
Д. Е.