Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес оствари телефонски разговор со Дерек Шоле, советник на Стејт департментот на САД, информираат од Министерството за надворешни работи.
Разговорот доаѓа веднаш по посетата на советникот Шоле на Бугарија, што е особено значаен моментум, имајќи го предвид и нововоспоставениот дијалог меѓу Скопје и Софија и преземените чекори во насока на градење на довербата и надминување на предизвиците меѓу двете земји, пишува во соопштението.
Исто така Министерот Османи изразил благодарност за континуираната поддршка од САД за реализација на нашите стратешки цели и ја истакна значајната улога на нашите американски пријатели за просперитетот и демократските постигнувања на Северна Македонија. Во оваа прилика советникот Шоле уште еднаш ја реафирмираше американската јасна и недвомислена поддршка за што поскоро отпочнување на пристапните преговори со ЕУ,при што беше заемно оценето дека европската перспектива и присуството на САД во регионот се особено значајни за стабилноста и просперитетот на Северна Македонија и Западен Балкан.
Соговорниците разменија мислења за актуелната безбедносна состојба во Европа и случувањата во и околу Украина, при што беше нагласено дека зајакнувањето на трансатлантската соработка и заедничкиот пристап е од примарно значење за надминување на актуелните безбедносни предизвици. Воедно, беше изразена заемна поддршка за суверенитетот, територијалниот интегритет и неповредливоста на границите на Украина и беше упатен заеднички повик за деескалација на состојбите преку дијалог и дипломатска комуникација, што е во интерес на целокупната европска безбедност.
Во рамки на телефонскиот разговор, стана збор и за билатералните односи, при што беше истакната важноста од нивно понатамошно надградување, а воедно беа разледани и можностите за продлабочување на стратешкото партнерство и јакнење на трансатлантските врски, известуваат од Министерството за надворешни работи.
Ова е втор телефонски разговор на министерот Османи со советникот Шоле во изминатите две недели.







