Северна Македонија и Хрватска точно три децении градат одлични, пријателски односи на сите полиња. Соработката во областа на одбраната е силна и интензивна, особено во доменот на военото образование и школувањата на припадниците на Армијата на хрватските воени школи, заклучија на денешната средба во Министерството, министерката за одбрана Славјанка Петровска и хрватската амбасадорка Нивес Тигањ, информираат од Министерството за одбрана.
„Хрватска одамна е наш поддржувач и пријател на патот кон НАТО, но и кон Европската Унија и тоа ни значи навистина многу. Членството во НАТО кое го реализиравме и членството во Унијата се различни процеси, но имаат иста точка на спојување, а тоа е безбедноста“, рече министерката Петровска.
Министерката порача дека и досега во реформските зафати во нашата држава, многупати предвид ги земаме позитивните примери и реформи во Хрватска, што се покажало дека е вистинската одлука и дека реформите особено во безбедносниот сектор во Хрватска, функционираат и во Северна Македонија.
Во контекст на НАТО, Петровска истакна дека земјата останува цврсто на заложбата за алоцирање на 2 проценти од бруто-домашниот производ за одбраната до 2024 година и дека фактот дека годинава одбранбениот буџет изнесува 1,77 проценти од БДП покажува дека сме на добар пат.
Амбасадорката Тигањ се заблагодари за отвореноста за уште поголемо интензивирање на билатералната одбранбена соработка и за пријателскиот однос и на политичко и на воено ниво.
Хрватска и Северна Македонија, освен билатерално, соработуваат и на регионално ниво како земји – членки на САД – Јадранската повелба и на иницијативата СЕДМ.








