„Руско-украинската криза започна кон крајот на 2013 година и кулминира со воената агресија и анектирањето на полуостровот Крим и воено-политичката и пропагандна поддршка на проруските паравоени формации во источните делови на Украина“ – истакна Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ и главен уредник на ЦивилМедиа, на почетокот на панел дискусијата „Руско-украинската криза и Северна Македонија“, како дел од серијата настани „Во фокусот на ЦИВИЛ“, одржана на 09.02.2022 година, пишува ЦИВИЛ.
„Во моментов, 7,2% од украинската територија е под окупација, на границите со Украина се распоредени повеќе од 100,000 руски војници и тешко вооружување, а во тек се големи дипломатски напори да се одврати Русија од целосна инвазија на Украина“ – потсети Дерала.
Понатаму, во воведот во панел дискусијата, Дерала истакна дека руско-украинската криза има силно влијание на целиот свет, а последици веќе се чувствуваат во Северна Македонија, како и во земјите на Западен Балкан. Пред сè, земјите на Западен Балкан се ранливи од повеќе аспекти, особено затоа што не се под чадорот на ЕУ, кој има далеку поголема економска и политичка моќ да ги заштити своите земји членки. Дел од земјите на Западен Балкан се членки на НАТО, што е „олеснителна околност“. Но последиците во поглед на економијата, како и силниот пропаганден притисок, ги прават сите земји во регионот подложни на политичка нестабилност и кризи.
„Општеството и јавноста се поделени на проруски и прозападни. Можни се и посериозни економски и енергетски шокови, доколку тензиите останат“ – констатира Дерала.
ЦИВИЛ како организација и ЦивилМедиа како медиумска платформа на македонски, албански и англиски јазик, секојдневно објавува вести од тој регион. Голем број анализи, изјави и интервјуа беа направени со користење на релевантни извори кои пред македонската јавност ја претставуваат состојбата каква што е, лишена од пропаганда и манипулации со фактите.
„Изворите на ЦивилМедиа се, меѓу другите, независните медиуми и во Русија и во Украина, официјалните веб страници на руското и украинското МНР, како и извори од релевантни медиуми, експерти и државни институции во земјите на Западен Балкан, ЕУ и САД“ – открива Дерала.