Европратеникот и новоизбраниот копретседавач на ВМРО-БНД, Ангел Џамбаски, синоќа предизвика скандал со нацистички поздрав во пленарната сала на Европскиот парламент во Стразбур, по што беше предупреден од претседателката на ЕП Роберта Мецола дека може да биде строго казнет, пренесува Локално.мк.
„Фактот што некој не се согласува со вас не значи дека е нацист. Се извинувам ако моето невино мавтање навреди некого“, се огласи на Твитер Џамбаски по скандалот.
Мецола го прекина следниот говорник за да изјави пред присутните:
„Не се дозволени нацистички или фашистички поздрави и какви било знаци во оваа просторија. Ќе извршиме проверка и, доколку е така, ќе наметнеме строга казна за г-дин Џамбаски“.
Џамбаски е исто така член на групацијата ЕЦР во европарламентот, составена од десничарски партии, како унгарската Фидес, полската Закон и правда и шпанската Вокс.