Секој воен конфликт на тлото на Европа не е добра вест за нас. Ние затоа во таа смисла и ја осудивме агресијата на Русија, бидејќи сосема без основа и без причина беше извршен овој напад и агресија врз Украина. Го почитуваме територијалниот интегритет на Украина и независноста. Како членка на НАТО, помагаме преку тие структури толку колку што се нашите можности и обврски. Но тоа воедно ни дава една безбедност и сигурност дека, како членка на НАТО, нема да трпиме такви последици какви што би имале кога не би биле членка на НАТО.
Ова го кажа вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во интервјуто за Фронтлајн, во врска со руската агресија во Украина и како тоа ќе се одрази врз безбедносната и економската состојба во нашата држава.
Тој рече дека нашата држава целосно се усогласува и со санкциите кои што Европската Унија ги воведе на Украина, таргетираните санкции кон определени физички и правни лица, и сметам, рече Маричиќ дека тоа е правилната политика.
„Ние не учествуваме во креирање на овој конфликт, немаме никаква улога во тоа, но кога е тој веќе тука, а ние сме членка на НАТО и кандидат за Европска Унија, должни сме да имаме став и должни сме да помогнеме во оваа криза толку колку што ние можеме. Владата прави сè што е во нејзина моќ да ги ублажи евентуалните последици. Ние знаеме дека дел од оваа криза влијае и на цените на многу ресурси. Владата и до сега вложи многу средства и напори за енергетската ситуација да биде стабилна, да има постојано снабдување и со греење, топлинска енергија и со електрична енергија. И во тоа успеавме и секако ќе продолжиме да правиме напори што помалку последици да има за секојдневниот живот на граѓаните. Сметам дека ќе успееме во тоа и успеваме“, потенцира Маричиќ.
Одговараќи на прашањето дали земјата е подготвена за нови санкции кон Русија и кој може да биде одговорот од Русија, тој истакна дека ние ги прифативме санкциите кои до сега ги донесоа државите членки на ЕУ и европските институции. Тоа се, пред сè, таргетирани санкции кон определени физички и правни лица заради нивните активности или дел од политичкиот естаблишмент на Русија, но и компании и луѓе кои што ја помагаат оваа агресија на Русија, рече Маричиќ.
Издвои дека Северна Македонија веќе го забрани прелетот на руски авиони преку македонскиот воздушен простор, и за сите наредни чекори, како што нагласи, ќе се координираме со нашите партнери, нема да направиме ништо повеќе од тоа но и ништо помалку бидејќи сметаме дека е тоа принципиелен став како членка на НАТО.
„Не е ова наша војна, не е војна во која ние учествуваме, но сепак, се случува на тлото на Европа и ние сме должни да имаме став и да придонесеме во помошта за Украина“, потенцира вицепремиерот Маричиќ.
Целото интервју со вицепремиерот Маричиќ: