пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Страшни и турбулентни времиња се пред нас кои, само „за момент“, му се случуваат на некому друг, а ние, пак, се надеваме дека тоа нема врска со нас. О, и тоа како има врска со нас, затоа што несреќата е поврзана како вода во природа. И ниеден човек не е остров сам за себе, туку е дел од една заедница која има врска со некој друга заедница.
Без разлика што ние мислиме дека времето многу поспоро тече од она време на Запад, глобалните движења, било да се случуваат во Украина и Исток, или потресите на глобалниот капиталистички пазар на Запад, и тоа како ќе влијаат и на нашата земја. Ниедна банкнота не е сама свое острово во џебот на граѓанинот, туку е поврзана во глобалната целина која може да ја наречеме „финансиска заедница“.
„Што ние е нам Украина“, некој ќе праша, а може и да праша, „Што сме им ние на Украинците“? Овдешните реакции за туѓата неволја се така типични: „Украина? Па, добро, има и полошо; секаде е исто“. Цинична и одвратна констатација е дека ние не чиниме, ама ниту другите не се подобри; ваквите коментари ја убиваат секоја општествена динамика. Ваквите реакции најчесто ја следнаат онаа „санта мраз“ од рамнодушност.
Ако амбицијата е да се создава клима која вели не е важно да се биде подобар, туку е важно да не се биде полош, се создава општество на инфериорни поединци со губитнички светонадзор.
Oд сите наши бедни реакции од случувањата во Украина, најбедната беше оваа: не е тоа наша мака, не е тоа наш отпор. Ние не сме Украинци. А работата е дека сме: ние сме тие. И тие се ние. Солидарност, пријатели, тоа е важно. Солидарноста секогаш ќе ја победи омразата. Ако тоа не сме го научиле до сега, ништо не сме научиле.
Од друга страна, судбината на Украина е судбина на цела Европа. Судбината на Украина е и наша судбина. Ако Путин ја гледа Украина како рај на земјата така што од неа ќе направи пекол, тогаш најмалку што може да направиме е да апелираме војната да запре. Затоа што не постои сценарио кое вели „Ако Украина падне, Европа ќе стане“, да употребам сосема банална реторика. Не, ако Украина падне, паѓа и Европа, а ќе паднеме и ние. На крајот на краиштата, ние со Украинците сме многу поблиски отколку што се блиски луѓето од Западот. Со секоја украинска жртва, исчезнува и нашиот свет. Бил тој вистинки или бил апстрактен и метафизички.
Ако падне Украина, ќе падне и по нас.