Во интервју за Фронтлајн, новоназначениот амбасадор во ОН, проф. д-р Љубомир Фрчкоски говори за значењето на ОН за нашата земја. Тој смета дека мултилатералата е исклучително важна за малите држави како нашата, бидејќи она што не можат да го направат во билатералните релации, можат да го постигнат токму со вмрежувања во меѓународните организации каква што е ОН.
„Видливоста на земјата е императив, и нејзината можност да влијае и дека се држи до принципи. Од овој аспект Македонија има добар рејтинг. Таа секогаш играла по правила, од 1991 па наваму. Никогаш не сме притискале некого во регионот, туку сме биле жртва на притисоци. Македонија се избори дека е играч по правила, дека има принципи и во рамки на ОН и на ЕУ“, вели Фрчкоски.
Фрчкоски говори и за актуелната воената ситуација во Украина и безбедносно-политичките последици од неа во регионот на Западен Балкан.
„Путин со неговата стратегија на сила и ароганција наспроти очекувањата дека ќе ја подели и блокира Европа како жаба пред змија и земјите на ЕУ ќе се поделат, тој ја обедини Европа. Напротив, се случи обратното, се случи неверојатно единство кое гори сѐ пред себе. Не се само санкциите, туку целокупната руска спортска јавност е тргната на страна, културата е доведена во прашање, но за сето тоа е виновен Путин, а не ЕУ. Тој сериозно го наруши рејтингот на Русија како културна оаза во литературата, театарот, музиката…“
Според анализата на идниот Амбасадор во ОН, евентуалниот успех на Путин би бил девастирачки за европските вредности, но и девастирачки за регионот на Западен Балкан. Тоа, како што вели Фрчкоски, ќе има влијание не само разузнавачки и воено, туку авторитетот на таквата операција ќе ги откопа старите рани на илибералните режими во Западниот Балкан кои немале демократска традиција.
„Европскиот однос со Русија, барем со овој режим на Путин, е симнат под граница по која нема враќање. ЕУ не може да се врати ниту на некакви толерантни односи со Русија после ова. Јазот ќе остане жесток. Тоа значи дека ќе се врати една супер ладно-воена ситуација меѓу нив, односно меѓу нас и Русија. Оваа супер ладно-воена ситуација значи дека ќе бидат подигнати сите разузнавачки и контраразузнавачки линии. Кај нас ќе бидат дигнати сите проруски кртови што спиеле досега. И така ќе биде по целиот регион. Тоа е реакција и логика на КГБ размислувањето. Ќе се врати нешто што тие посакуваат, а тоа е таа ладна воена ситуација и поделба на зони на влијание, значи, вие сте таму преку ровот. Тоа е враќање на една реторика која беше заборавена.“
ЕУ која од секогаш се залагала за мирно решавање на конфликтите, за прв пат во својата понова историја донесе одлука воено да ѝ помогне на Украина. Сега е прашање кој ќе биде миротворецот.
„Сега ситуацијата е значително променета. Имаме агресија на една земја врз друга независна земја со што се загрозуваат сите темели на европската архитектура како што се суверенитетот на државите, владеење на правото, човекови права… Вие и сега можете да реагирате на вашиот гандиевски начин, но ќе процените дека вие можете да бидете следната мета. А тоа можат да бидат Балтичките земји, Молдавија, Западниот Балкан. Ние бевме во основа незадоволни од тој став на ЕУ затоа што имаше реторички пристап со кој своите вредности не беше силна да ги брани, туку одеше со компромиси кои понекогаш ги плаќаа малите држави како нас. Ние очекувавме, поради нашата политика да бидеме наградени, а бевме оставани на страна да се докажуваме и докажуваме. Имавме и ризични позиции кога дојдовме до авторитарен режим на Груевски 11 години, па и тоа го поминавме. Сега поради Бугарија Владата ќе паднеше на локалните избори итн. Ваквиот одлучен став на ЕУ може да биде добар за нас, затоа што го менува својот однос кон сопствените вредности“, рече новиот македонски амбасадор во ОН, проф. д-р Љубомир Фрчкоски во мега интервјуто за Фронтлајн.
Во тој контекст, тој беше оптимист и за решавањето на спорот со Бугарија и почетокот на преговорите со ЕУ.
„Очекувам оваа година ние да го разрешиме проблемот со Бугарија и да ги почнеме преговорите со ЕУ, што е резултат од збивањето на редовите на ЕУ. Сега ја немаат таа комоција да речат – чекајте, решете го проблемот, оставете го тоа отворено и слично, затоа што со тоа оставањето, отворено влегува странското влијание. Така што, ЕУ ќе има интерес, барем спорот (со Бугарија) да го разреши и да нѐ стави на шини за членство, а зад нас да ги стави Украина, Грузија, Молдавија“, прогнозира Фрчкоски.
За нас беше интересно прашање дали Њујорк (ОН) беше изборот што го преферира или можеби тоа требаше да биде Вашингтон.
„Во развиените земји има традиција, поранешни министри за надворешни работи да не одат во билатерални амбасади, срамота е. Тоа не е во ред. ОН мене ми одговара и по мојата вокација. Јас предавам меѓународно право и човекови права, а ОН се токму тоа. Таму има еден куп програми кои се однесуваат на мојата професионална обврска и тука можам навистина да придонесам за Македонија. Јас можам да бидам едукатор, не само да слушам лекции. Во таа смисла, апсолутно повеќе ми одговара Њујорк.
Побаравме коментар од проф. Фрчкоски за изјавата на Антонио Милошоски дека не оди како амбасадор во САД, затоа што таму не го примија и дека, кога ќе дојдат на власт, ќе го вратат од Њујорк.
„Личноста која ја споменавте јас не можам да ја коментирам бидејќи таа личност во основа уста не смее да отвори, или да каже било што. Тоа е личност за која се води кривична постапка за злоупотреба на лустрацијата. Тој е единствен пратеник кој може да оди во затвор, човекот кој го лустрираа во Кичево, кој беше судија, умре после тоа од стрес. Тој човек уста не смее да отвори за ништо“ – одговори Фрчкоски.
Љубиша Николовски
Камери: Ариан Мехмети, Дехран Муратов
Фотографија и монтажа: Ариан Мехмети