Скопската градоначалничка Данела Арсовска официјално стапи на функција на 8 ноември, а имотната состојба ја пријавила еден месец подоцна – анкетниот лист што таа го поднесе до Антикорупциската комисија по стапување на функцијата беше скромен, имајќи во предвид дека навела два помали стана од 38 и 42 метри квадратни во скопски Ѓорче Петров, гаража, автомобил и банкарски депозити.
Но, официјалната документација од Катастарот на недвижности што ја обезбедивме покажува дека нејзиното семејство поседува голем недвижен имот составен од куќи, хотели и згради, кој Арсовска не го пријавила во анкетниот лист, затоа што се води на име на член од семејството со кој не живее во исто домаќинство, пишува Фокус.
Имотните листови откривааат дека таткото на Арсовска, Ванчо Јовановски поседува недвижен имот од вкупно над 3.500 квадратни метри.
Тој поседува куќа во Кисела Вода со двор од 719 квадратни метри, како и стан во населбата со површина од 115 квадратни метри. Преку имотниот лист со број 30005, на Јовановски му е впишана сопственост врз недвижен имот од 534 квадрати, исто така во Кисела Вода, каде на иста адреса е лоциран и хотелот „Империјал“. Од друга страна, имотниот лист со број 44553 покажува и сопственост на станови во три различни објекти со вкупна површина од 619 квадрати, со тоа што во оваа квадратура не влегуваат помошните, подрумскиот простории и заедничкиот простор, пишува Фокус.
Инаку, Јовановски своевремено бил инспектор во МВР, а денес поседува компании каде претходно сопственик или управител била неговата ќерка – актуелната скопска градоначалничка Арсовска. Нивната семејна бизнис кариера почнува пред повеќе од 15 години, кога почнува и официјално со работа компанијата „Ројал Груп“, која е основана на 25 јануари 2008 година. Но, податоците од Централниот регистар говорат дека како прв сопственик на компанијата се јавува токму Арсовска.
Извор: Слободен печат







