пишува: ЉУБИША С. НИКОЛОВСКИ
Конечно станува јасно дека Данела Арсовска не е вистинскиот градоначалник на Скопје. Со градот, но и со неа лично управува ВМРО-ДПМНЕ, а таа е само обична фигура. Веќе имаше шушкања дека „главен“ во градската управа е професорот Трајко Славески и дека почнале несогласувањата меѓу Данела и Трајко токму околу наметнувањето на авторитетот на професорот. Но еве од неодамна и лидерот на партијата Христијан Мицковски покажува градоначалнички амбиции и директно се меша во планирањата на инвестицииите во уредувањето на сообраќајната инфраструктура. Имено деновиве Тој, а не Данела, најави дека ќе му купел на градот 100 електрични автобуси!!!!
Навистина е чудно како Мицковски и Славески ја заобиколуваат Арсовска и влегуваат во „преговори со светски компании за набавка на 100 електрични автобуси за Скопје, но и во преговори за отворање фабрика за производство на автобуси во Скопје во кои ќе се вработеле 500 луѓе“.
Данела Арсовска ниту беше спомната од Мицковски на отчетот на скопските градоначалници, ниту пак таа му дојде на отчетот.
Само за потсетување, Данела Арсовска досега тврдеше дека нема пари во буџетот затоа што претходниот градоначалник Шилегов го задолжил градот. Очигледно не е така и дека пари има, затоа што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски најави дека наскоро ќе распише тендер за набавка на автобусите.
Навистина во кое својство Мицковски влегува во трошење на парите на Скопјани? Од кога лидер на опозициска партија располага со буџетот на Град Скопје и влегува во дубиози и преговара за отворање на фабрики. Дали тие инвеститори знаат со кого преговараат, или тој им се претставува како премиер? Како поинаку да ја толкуватаеизјавата:
„Изминатиот период сериозно работевме на контакти, разговори и преговори со неколку светски компании кои што произведуваат електрични автобуси. Во завршна фаза сме и во подготовка на тендерската процедура за набавка на овие автобуси, но исто така со сите овие потенцијални снабдувачи разговараме и за отворање на фабрика тука во Скопје во Македонија за производство на овие електрични автобуси во кое што ќе се вработат минимум 500 луѓе. Голем дел од овие компании ни велат, од тука понатаму сакаат да го снабдуваат и европскиот пазар со ваков тип на превозни средства односно електрични автобуси. Мислам дека сме многу блиску и да го официјализираме сето ова“.
Во меѓувреме ако не Данела, тогаш некој од партијата ќе треба да одговори до кога булдожерите на започнатите проекти во градот ќе стојат неподвижни, а граѓаните ќе се нервираат во секојдневниот сообраќаен метеж. Ако Шилегов започнал проект за изградба на мост и при тоа почнал со пробивање на улица, зошто „надежната“ градоначалничка не го продолжи проектот, во интерес на граѓаните, нели. Ако причина биле неразрешени имотно правните работи, тогаш што и е работа на Данела или на Трајко или на Мицковски, нека ги разрешат, кога веќе се нафатиле за таа работа.
Но тие, како и досега кога станува збор за владеење на ВМРО-ДПМНЕ не влегуваат во „тешки“ и „ризични за успех“ проекти. Тие веднаш се зафатија за набавкаи од голем калибар, а особено добро искуство имаат со набавки на (100) автобуси, без разлика дали се кинески Јутонг или електрични.
Текстот е личен став на Авторот. Сите права се задржани