Маската „Маскен марш“ на СОУ „Никола Карев“ од Струмица е прогласена за најдобра во категоријата групна маска со 50 и повеќе лица на Струмичкиот карневал и и припадна парична награда од 1.000 евра. Ова го соопшти жири комисијата на карневалот на денешната прес конференција на која беа соопштени наградените маски во повеќе категории.
Во оваа категорија второто место и припадна на маската „Сладок свет“ на Студиото за модерен балет „Газели“ од Радовиш, а третопласирани се маските „Роденденска магија“ на СОУ „Димитар Влахов“ и „Господари на музиката“ на СОУ „Јане Сандански“.
Во категоријата на маски со 30 до 50 лица најдобра е маската „Јубелејниот кас на Струма“ на Здружението „Струма“, второто место го освои маската „Пчелин рај“ на ООУ „Видое Подгорец“, а трета награда не е доделена.
Во категоријата групна маска со 20 до 30 учесници најуспешна е маската „Се е во наши раце“ на групата „Мулен руж 2“, а маската „Карневал парти“ на „Кико стил“ го освои првото место во категоријата маски од 10 до 20 лица.
Маската „Огнени булки“ на ООУ „Маршал Тито“ од село Муртино е најдобра во категоријата маски од 5 до 10 лица, а најдобра поединечна маска е „Вонземјанин“ на Цветко Багашовски од Струмица, кој со своите маски ги освои и второто и третото место во оваа категорија.
Во категоријата маска со алегориско возило најдобра е маската „Јубилејниот кас на Струма“, а наградата од публиката од онлајн гласањето ја освои маската „Сладок свет“ на „Газели“ од Радовиш.
Жири комисијата додели и две дополнителни награди, како и една стимулативна награда на Струмичките мажоретки.
Вкупниот награден паричен фонд за карневалските награди изнесува 8.550 евра, а наградите на најдобрите карневалски маски ќе им бидат доделени утре.
Извор: МИА