Министерот за здравство Беким Сали присуствува на состанок на високо ниво за здравје и миграции, кој се одржува денеска и утре во Истанбул, организиран од Светската здравствена организација.
– Особено е значајно да се погрижиме мигрантите и бегалците не само да имаат пристап до здравствените услуги кога им се потребни, туку и овие услуги да се приспособат соодветно на демографските промени во општеството, притоа целосно почитувајќи ги човековите права и достоинството на мигрантите, потенцираше Сали во своето обраќање на состанокот.
На маргините на состанокот, како што соопшти Министерството за здравство, Сали се сретна со регионалниот директор на СЗО за Европа Ханс Клуге, при што изрази благодарност за континуираната поддршка и соработка за унапредување на здравствениот систем и здравствената заштита во нашата држава, а се разговараше и за идни активности и планови за зајакнување на соработката со СЗО.
Воедно, Клуге му врачил плакета на Сали за посветеноста на здравствениот систем и здравствените работници во нашата држава во борбата против Ковид-19.
– Како мал знак на мое лично признание, воедно и признание од Регионалната канцеларија на СЗО за Европа, како и од главната канцеларија во Копенхаген и на земјите членки, за континуираната посветеност и залагање на здравствените работници за унапредување на здравјето и добростојбата во европскиот регион на СЗО, би сакал да им ја врачам оваа плакета на здравствените работници во земјата и со неа да ја пренесеме нашата порака за благодарност до сите нив, посочи Клуге, се вели во соопштението на Министерството.