Да не ја преспиеме промената на ДУП-от, е урбана акција од Центарот за современи уметности Скопје, креирана, како што велат, во знак на поддршка на граѓаните и граѓанските активисти од Влае кои во последниве неколку недели активно се борат да го спречат донесувањето на новиот ДУП кој неколкукратно ќе го зголеми бројот на жители и ќе уништи добар дел од јавниот простор и јавното зеленило во Влае (просторот помеѓу Порта Влае, бул. Партизански одреди, реката Вардар и Хром.
„Имено, новиот ДУП за Влае односно за делот Влае 2, веќе еднаш бил донесен во претходниот мандат на градоначалникот Стевче Јакимовски, а во 2018 г. е укинат од страна на Уставниот суд , но сега повторно се подготвува да биде оперативен и ставен на гласање пред советниците во Општина Карпош. Со новиот ДУП се предвидуваат згради од 10 ката на просторот на некогашно кино Влае. Парцелата за маркици за згради е проширена и на улицата Есперанто сè до плоштадот Делфина. Со новиот план се предвидува улицата да се пробива зад поранешното кино Влае односно пред основното училиште „Димо Хаџи Димов“. На местото на паркот и инклузивното игралиште за деца со посебни потреби на плоштадот Делфина е вцртана маркица за црква. Маркица за зграда се предвидува на празниот простор кај „Кам маркет“ односно во делот каде населбата Влае се граничи со населбата Хром. Овој простор кој е државно земјиште, граѓаните бараат да се направи парк, а не по багателна цена да се распродава државна земја, за бизнис интереси со приватни инвеститори. Во делот на сегашното игралиште покрај реката Вардар, се предвидува по потреба да стане затворено игралиште или спортска сала.“, потенцираат од Центарот за современи уметности Скопје.
Акцијата е дел од урбаните уметнички акции на Центарот за современи уметности и е финансиски поддржана од Фондацијата Отворено општество Македонија.