Македонските граѓани ѝ помогаат на Украина и украинските цивили, во овие тешки мигови преку финансиски донации или преку донирање во пунктовите за хуманитарна помош.
Фронтлајн.мк го посети хуманитарниот пункт за помош на Украина, поставен на плоштадот Македонија.
Најмногу се потребни храна и средства за хигиена, како и ќебиња, лекови, завои и слично, истакна за Фронтлајн волонтерката на пунктот. Таа ни кажа дека на украинскиот народ му е потребна облека, обувки, храна, војничка облека, лекови, средства за чистење и финансиска помош.
Хуманитарна помош може да се донира во 2 пункта во Скопје. Првиот пункт е поставен на плоштад Македонија, спроти ресторанот „Ла Тераца“, отворен е секој ден од 10 до 20 часот.
Вториот пункт е во во магациот на компанија „Кодинг Горска” во Ѓорче Петров кој се наоѓа на улица Шарпланина бр. 4 во населбата Даме Груев.
Хуманитарната помош од Северна Македонија до Украина стигнува со возила, камиони, а доколку е финансиска помош тогаш преку банкарската сметка, изјави за Фронтлајн волонтерката кај пунктот за хуманитарна помош на Украина.
На прашањето: „Каква е вашата врска со Украина и како се чуствувате вие?“, таа ни одговори дека е многу лошо и дека се плашат.
Се плашиме, ние сме сега во окупација. Во Украина се моите родители и мојот брат со семејството. Не можат да ја напуштат таа област во Украина бидејќи нема хуманитарни коридори. Многу е лошо, се плашиме.
Денеска од Северна Македонија повторно е испратена хуманитарна помош, објави на Фејсбук Амбасадата на Украина.
Со помош на македонски компании и фирми, Амбасадата повторно испрати пратка хуманитарна помош во Украина. Ви благодариме за Вашата нерамнодушност и солидарност, пријатели, пишува во објавата.
Мартина Ацковска