Пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Одбраната на Украина е најголем подвиг во 21 век.
Рекол Борис Џонсон во Киев.
Се согласувам.
Но, британскиот премиер не кажал кој е најголемиот пораз на 21 век.
Очигледно е дека за таа изјава ќе мора да дојде во Скопје.
Во меѓувреме јас сум овластен да соопштам дека слободниот свет им ја доделува таа титула на Македонците.
И на библиските напори на тие симпатични луѓе да ја уништат својата држава и себе си како историски феномен и субјект.
Со овердози на заглупавувачкиот отров што во науката за глупантропството е познат под кодното име вмро.
Го викаат и македонски новичок.
Без тенкови и гранати, без калашникови и мигови.
Само со приказни.
Со сто и една приказна за возрасни.
Македонија е Вмровск што се бомбардира со комитски пувежи.
Така се анестезира и се фрла во вештачка кома.
Од која нема да има кој да ја разбуди.
Понекогаш ја гледам во големиот ресорт на Историјата.
Лежи на плажата со чаша на висока сталка, со кришка лимон и лепен шеќер на кристалниот обод и се расправа со келнерот за должината на цевчето во зелениот коктел.
Со долгите нокти цупка по екранот на ајфонот и загадочно се лути под стреата на огромниот европски шешир.
Додека на хоризонтот се задава големото цунами.
Млада е, згодна, мила и, по малку, тупава.
Македонија.
Избегана е од бракот со модерноста и одбива да се соочи со капиталните теми на својата конституција.
И на својата егзистенција.
На својата ситуација.
Очекува богата алиментација, но многу е поверојатно дека ќе добие курац.
Понекогаш ми се чини дека не ги ни знае тие теми.
Или нема свест за нив.
Не ги гледа.
Макар како знаци на плитките хоризонти.
Или ги забележува, но, само со својот перфектно лефтерен, наивен, дражесен поглед преку рамото.
Еве ја во поедноставена форма клучната тема на постоењето:
Граѓанската или селската, сеедно, војна во Македонија и за Македонија, се водеше за две држави и за две нации, од луѓе со различна или отворена за обликување свест, не за една држава и една нација со спротивставени идејни и идеолошки и партиско-политички определби.
Македонија е единствен случај.
Ние ја спуштаме ролетната пред таквиот поглед.
Но затоа обидот да оствариме демократско единство на тие две опции се покажува како трагичен.
Сите деноминации и афилијации на вмро се бореа за бугарска Македонија со бугарска дефиниција на населението, а комунистите се бореа за македонска Македонија со македонско население. Во различни геополитички констелации, се разбира.
Комунистите се изборија за држава и формираа нација, а вмроните не успеаја во борбата да го организираат просторот и живиот свет како аристократско парче на бугарската држава. Заедно со Бугарија и со сите жртви што таа ги предизвика, а некои, богами, и ги истрпи.
Врз основа на тие резултати македонскиот свет функционираше сè до појавата на демократијата.
Вмро се јави на политичката сцена за да ја проблематизира и растури државата која што го беше проблематизирала и растурила него во процесот на создавањето. Нема други мотиви.
Македонија која е создадена без вмро односно контра вмро, за вмро е непријателска категорија која мора да се обесмисли, исмее и растури. Така што самата држава и демократскиот амбиент ќе се искористат за испумпување на сета смисла на нејзиното постоење. Тие се регистрирани како политичка партија, но работат како фирма за демонтажа.
Вмро е битен фактор на претворањето на Македонија од Фиренца на сопствената национална и државна ренесанса, во овчеполско Ѓузумелци на калта.
Сдсм и општеството не се во состојба да го појмат тоа, димензиите на тој феномен, импликациите на неговото постоење, тие сакаат на вмро да гледаат како на демократски политички фактор, а тој тоа не е, тоа е како на алигаторите во Мајами да гледате како на учесници на мастерсот, а кога сепак ќе им се запали црвената лампичка, ги фаќаат срамови и стравови и опортунистички настроенија, демек да се тера вака, со надеж дека со тие расположби ќе се инфицираат и вмороните.
И дека и Господ ќе биде на страната на разумот.
Само што разумот не е единствен.
Господ има на располагање многу разуми.
Свеста и реакцијата на свеста за оваа природа на вмро се клуч за опстанокот на Македонија.
Односно соочувањето со вистината за себе и за историјата во нејзиното реално измерување.
Историјата е атентатор кој ги убива сите што ќе се дрзнат да ја фалсификуваат, независно од благородните идеи. Ги чека на првиот свиок, ја чека првата прилика и ги удира по главата, понекогаш со смртоносни последици.
Мораме да ги отфрлиме приказните за славната историја.
За да допреме до себе.
И да влеземе во нова димензија.
Над Илинден и над Асном.
Тие циклуси се потрошени.
Само апсолутни глупаци би продолжиле со приказните кои ги имаат доведено до работ на катастрофата.
Ова што го имаме денеска како политичка конфигурација, е екстензија на тие две видувања на Македонија.
Тоа значи дека не е возможно национално помирување во Македонија.
Без отворање на темата за вмро.
Или на Македонија.
Како сакате.
Затоа што без тоа отворање ние немаме вистински и реален поглед на основниот конфликт кој има политичка форма и надполитичка суштина.
Двете страни се различни, не по својата политичка природа, туку по својот поглед на државноста и националноста, тие се фундаментални односно се однесуваат на тоа дали Македонија и Македонците можат да постојат без да го демистифицираат вмрото, без да го надраснат или, можеби, убијат во себе. Таа демистификација е клучна за решавање на спорот со Бугарија. Не Самоил и другите средновековни бандити.
Вмро.
Втората опција е национално помирување во вмро.
Односно во ништото.
Во исчезнувањето.
Вмро е идеја за народното единство и националното убиство.
Тоа може да биде, признавам, симпатична опција.
Спас од Македонија.
Тоа е што можеме да направиме ние.
Другото зависи од играта на слоновите.
Специјално за ПРВАТА ЛИНИЈА. Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторот.