16.04.2022 година
Заев и Ципрас, две големи (през)имиња кои одат слободно во иста реченица
Скопје, за разлика од Атина, отсекогаш била мала варош, односно се работи за „стартен“ компаративен недостаток поради „квантитативна“ природа. Тоа е начелно, без притоа да имам намера да повредам нечии локалпатриотски чувства. Поточно, многу е тешко, практично е назамисливо да се споредуваат Скопје и Атина како два културни, политички и економски центри.
Скопје и Атина беа два града кои триесетина години беа светлосни години далеку еден-од-друг за, потоа, да ни се појават Ципрас и Заев со договорот од Преспа, и таа разлика да ја рушат, да ја спојат, па да сфатиме на крајот на краиштата дека сепак имаме многу поголеми шанси во Европа како пријатели и сојузници, отколку што имаме шанса како непријатели или како луѓе кои не се поднесуваат и живеат на релативно „пристојна“ раздалеченост едни од други.
Да бидам крајно отворен. Грција и Атина не е постсоцијалистичка или посткомунистичка земја како што тоа е Скопје и Северна Македонија. И оваа разлика е сепак ноторен факт што не може да се негира.
Од друга страна, треба да го потенцираме и тоа: Сириза е најпрогресивната политичка партија во Грција, таа е еден вид преседан во грчкото општество; Сириза е сосема нешто друго од децениските партии на грчките династии, со тие „мицотакиси“ и „папандреувци“ и останати, било да се радикално десни или радикално леви. Сите тие династии најмногу ѝм служеа на божествените корупции, кронизми, клиентелизми и останати помпезно дефинирани форми за она што ние тука, жаргонски, народски и колоквијално, го нарекуваме „лева рука десни џеб“.
И во таков контекст нѝ се појавува Сириза и Алексис Ципрас во Грција од една страна, а од друга страна нѝ се појавува Заев и СДСМ во Македонија, и нѝ го решаваат вештачки наметнатиот тридецениски и суштински идиотски билатерален спор. Денес, пак, Европа, буквално и симболички е воодушевена од тандемот Ципрас – Заев. Воодушевени се поради многу практични причини: овие двајца на Европа и’ докажаа дека Северна Македонија и Грција негуваат демократски, антипопулистички и антиколективистички традиции, се’ она на кое почива и самата Европска Унија.
Со други зборови, без разлика што до компромис се дојде од двете страни со интензивни и еклектични преговори, Заев и Ципрас нѝ покажаа дека во двете земји може да се промовира најдоброто од човечката врста, а тоа е мирот, пријателството и борба против ултимативното зло. Значи договорот од Преспа е победа на човечката цивилизација версус старите анахрони и назадни политички дискурси за кои, повторувам, се недемократски, популистички и колективистички.
Договорот од Преспа ги фрли во опсајд најлошите струи и енергии, ги фрли во аут оние кои двете земја ги сиромашеа, назадуваа и ги брукаа со години најпрво пред своите дома, пред први соседи, а потоа и пред целиот свет.
Со гордост можам да кажам, Заев и Ципрас се најдоброто нешто последните триесет години што на овој Балкански свет му се случило. Двајцата промовираат пријателство, мир и уште поважно борба со најназадните и најретроградните струи во општествата. Примиерот со агресијата/инвазијата на Русија во Украина е доволен показател за тоа.
Што сакам да кажам? Луѓето бираат. Луѓето одлучуваат. А бидејќи и јас сум дел од тие луѓе, јас одлучувам да бидам на страната на Заев и Ципрас; јас одлучувам да бидам подобар. А ќе бидам подобар така што јасно ќе заземам страна за слободата, за демократијата и за мирот, а ќе влезам во борба со тиранијата и ќе влезам во борба со агресијата.
Нема простор за игноранти: За мир, за пријателство, за дијалог, за шаренило, за различност. За демократија.
14.04.2022 година
Децата како параван за предвремени избори
Од изјавите кои ги читам, претставниците на парламентарното мнозинство се обиделе да го дефинираат проблемот, така што веќе истиот го преточиле во „Закон за наставници и стручни соработици“, и со тоа направиле законска рамка во која ќе се трансформира работниот однос од определено во неопределено; од друга страна, опозицијата со своите процедурални излагања го блокирала во Собранието законот за наставници и стручни соработници.
Ако за овие прашања опозицијата си игра политички „пинг-понг“, сакам-не сакам, најмногу губат децата. Прво, губат на начин што поради штрајкот не се во своите клупи и немаат редовна настава. Колку и да е оправдан штрајкот затоа што, нели, штрајкот е законски оправдан, во одлуката за штрајкување не се зема во предвид последицата со која децата ќе ја губат својата работна динамика.
Најпрво ја изгубија работната динамика поради пандемијата, а денес ја губат затоа што СОНК прави притисок до Владата за покачување на платите, ама очигледно е дека за овој штрајк не се земени во предвид сите околности. Најочигледно е тоа што излегува во јавноста: бараме пари. И тоа претставува единствена цел. Знаат и луѓето од СОНК дека земјата е во криза, економска, здравствена и политичка, ама тоа не ги запира од дополнителни конфликти и кризи.
Знаете што, СОНК ми докажува дека децата свесно се земени како параван во целата приказна. Децата се покритие за нивните плати: одвратно, бедно и жално. На децата печалат политички поени.
Како печалат? Создаваат прво приватен, личен проблем во самите семејства: родителите мора да испланираат алтернатива додека наутро одат на работа: кој ќе ги чува додека старателите се на работа; потоа, реков погоре, ја убиваат работната динамика на децата.
Што е она кое го губи детето заради штрајкот на возрасните? Училиштата мора да бидат отворени секогаш, освен во елементарни непогоди или за време на војна. А бидејќи не е воено време, барем јас не знам дека имаме војна, училиштата мора да си ја вршат својата примарна дејност: образование на нашите деца. Од друга страна: за време на штрајк, децата ја губат работната навика; понатаму, дечињата треба редовно да бидат на своите работни задачи поради своето вродено или стекнато право на образование; понатаму, децата од сиромашните семејства, оние кои се „правно“ невидливи, мора да бидат во своите клупи; посебно мора да бидат во клупа оние деца кои доаѓаат од неразвиени средини; понатаму, што ќе биде со оние деца кои се дел од ранливите групи: инвалидитет и попреченост? Што е со оние дечиња кои треба да одат на училиште, а припаѓаат на сегрегирани заедници (?), или оние деца на кои страшно влијаеше социјалната изолација, а денес со овој штрајк децата се изложени дополнително на уште поголема изолација?
А што ќе биде со дечињата кои од стравовите наметнати од пандемијата дополнително ќе бидат подолжни на социјална изолација? Ставовите на децата и нивното образование се подобрува само преку интеракција и заеднички живот. И со тоа не смее да се прави компромис.
Ама ништо од ова погоре кое го набројав не им е битно на „штрајкувачите“ од СОНК, ним, гледаме, важни им се платите. Тоа што имаме различни слоеви од проблеми во самото образование, тоа не е никаков проблем. За „штрајкувачите“ изгледа најдобро е вака: со проблемите нека се занимаваат родителите и децата, а ние со наставниците ќе протестираме за нашите плати.
Или со други зборови: децата си имаат родители и тоа е нивен проблем, ние од СОНК со наставниците си имаме друг проблем: бараме пари од Владата, а ако може и попатно да ја подриваме, нема поголема среќа за нас!
Да, можат тоа да го прават. Ама не на грбот на нашите деца. Не на грбот на децата!
12.04.2022 година
На СОНК ништо не му верувам затоа што игра тесно-партиски
Според Државниот завод за статистика, во нашите основни и средни училишта запишани се околу 250 илјади дечиња, понатаму, не знам точно колкав број на наставници се вклучени, веројатно илјадници, на таа бројка запишани деца, поврзани се околу половина милион родители или старатели, а цела таа огромна мрежа од луѓе ги поврзува – образованието на децата.
Не е никаква тајна дека образованието во оваа земја отсекогаш било уредено според принципот на војничка субординација, од министерот према долу, и во тој контекст невозможно е демократски да се одлучува и договора.
Што во дополнителен превод значи дека авторитетот се прифаќа здраво за готово и никогаш не се преиспитува. Погледајте го примерот за таканаречениот претседател и прв „штрајкувач“ на СОНК, Јаким Неделков. Во сабајлешната објава на својот фејсбук вели: „На сите штрајкувачи им посакувам да останат такви какви што се, на оние малкумина што не штрајкуваа им препорачувам да си го послушаат срцето“.
На пример, не му е важно што во образованието нема со закон-процедура да се преиспитаат или оспорат одлуките на министрите, ниту има закон министерот да се повика на одговорност ако носел лоши одлуки. Тука само е важно, вели претседателот на СОНК, државата да даде пари. Кога се парите во прашање, сите ќе се сложат дека треба пари да им се даде, ама кога треба да се развива образованието на еден демократски и модерен начин, сите молчат. Од фелата до синдикатите.
Нема инструмент за отпор затоа што тие инструменти децата не ги добиваат на училиште. И затоа на училиште добивате климоглавци, а дури и кога ученците и средошколците ќе се обидат да го „подигнат гласот“ за неправдите во образованието, училиштето не ги навикнува да ги користат тие механизми затоа што такви алатки во училиштата не се учат.
Да бидам јасен: секој работник, вклучително и просветниот работник треба да си ги бара своите пари. Ама имам проблем кога просветните работници зборуваат исто што зборува и претседателот на СОНК, Јаким Неделков. Нему не му е важно образованието, учениците и наставната програма, нему, а тоа се гледа од авион, важно му е да прави политички маркетинг и криза во образованието. Дури и Мицкоски рече, „штрајкот на просветните работници да не се политизира“, што од друга страна ми кажува кој уште на старт штарјкот го политизирал. Идентично, ниту на Мицкоски му е важно образованието, туку важно му е да се генерира криза. Претседателот на СОНК сака да му се допадне на Мицкоски, а Мицкиски преку образованието се обидува да издејствува предвремени парламентарни избори. Толку е очигледно што почнува да станува болно глупаво.
Оттука, претседателот на СОНК не мисли со своја глава, туку мисли со главата на Мицкоски. Просветните работници веќе добија покачување на плата. Верувам дека ќе добијат уште еднаш, ама не верувам дека ќе добијат кога за тоа ќе посака Мицкоски и таканаречениот синдикален лидер Неделков.
И сега, да се вратиме на почетната теза: како што е субординирано образованието од горе до долу, така е субординиран и овој штрајк. Од Мицкоски, преку Неделков до просветните работници. Не е ова некој опасен ребус тежок за решавање. Само ги гледаш актерите и гледаш кој на чиј млин дува.
Од оваа „вмровска“ приказна за штрајкот во образованието и нашето општество во целина, може да се научи многу. Прво, никој не се залага за сериозна реформа во образование, само имаме „дајте пари“. „Дајте ми пари“ значи – а веќе еднаш платите се покачени – дека јас немам појма со образованието, ниту имам појма со положбата на просветните работници. Важно е само кога се дава пари, и ние да бараме пари. Старата максима на која се потпираат прилично смешно е: ако не бараш, нема и да ти дадат.
Ќе им верувам, драги пријатели, ако на децата има зборуваат на важен начин: за неправдите; ќе им верувам ако ги учат дека треба сите да живеат во заедница; ќе им верувам ако ги учат како се прават штрајкови, како се изнесуваат преговарачки пораки, ако ги учат како може критички да мислат.
Понатаму, ќе им верувам ако со децата се разговара за она со што тие се опкружени и она што ја создава нивната секојдневна реалност. Оти, знаете, училиштето за децата е првата форма на авторитет со кои тие се соочуваат. А ако тој авторитет ги убеди дечињата дека нивните секојдневни животи се вредни за проучување, тогаш детето ќе ја сфати својата лична вредност, а така ќе се јакне и неговата самопочит. И едното и другото мора да биде најважна цел на еден вистински професор-наставник-педагог.
Кога ќе видам дека просветните работници се занимаваат за овие работи, а потоа за нивната позиција и примања, тогаш ќе им верувам.
Сè дотогаш, јас ништо не им верувам. И уште верувам дека на овој штрајк длабоко се политизирани од еден политички центар.
11.04.2022 година
Лажен морализам на лажни луѓе
Од 2008 година сум активно во оваа наша политика, некаде „локално“, а некаде „национално“, што во дополнителен превод би значело дека сум видел многу луѓе, како оние „локални“, така и оние „национални“. И, што ми е понетата? Нема подобар популизам од нападниот и вишок козерај на лажното морализирање. Го знаете она: јас сум чесен, морален, жими Тито и младината, а оние другите се неморални, корумпирани, не се знае кој кого бемба во „онаа работа“, море, расипани и нелуѓе се „оние другите“, а јас сум морален, поштен, чесен и останати дрн-sврц лажни морализирања.
Овој вишок на морализирање се појави кога СДСМ ја предводи државата, а оние претходно, ги знаете многу добро, беа злато од дечки, ни мравка не газеа, ниту корупцијата ја разбираа, ниту ја изведоа до совршеноство, ама денес за се’ е виновен СДСМ, нели? Ова го тврдат сите оние кои за времето на Груевски беа скриени во глувчешка дупка, оние кои денес на големо морализираат за „оние другите“. Тие морализатори најчесто се длабоко компромитирани и со сомнително образование, и ако сме фер – кај таквите морализатори најчесто нема да најдете респектабилна кариера во било која важна струка, ама барем се нерасипани и чесни, за разлика од оние корумпирани демократи кои ни го сменија името и сакаат уште да не носат кај таа стара курва Јевропа.
А вистината е дека ние немаме појма од ништо, и вистина е дека и чекан знаеме да расипеме, ама оние европски демократи кои ни го сменија името се бог да не’ чува, господ да не брани, и останати дрн-sврц просеравања.
Во циничната експлоатација на реторичката фигура „чесен сум жими мама“, и уште илјада пати по толку би можел да напишам за фундаменталната лажност „за чесноста“: оваа земја е системски испљачкана во времето на Груевски како никогаш дотогаш; и оваа земја е искрадена и упропастена во еден опасен мафијашки картел на браќа и братучеди; на разни роднина и останата котерија од роднинско-фамилијаризирани пропалитети. Имено, во пркос на сеприсутната стереотипија во кои се колнат лажните моралисти (со лажни титули, лажни магистратури, лажни докторати, лажни Мајки Терези, и уште купиша од лажно), неверојатно е силењето на огромен број на луѓе дека Македонија не била до 2017 година темелно испљачкана, туку после 2017 година била до-испљачкана. Ужасна и одвратно лажно морализирање.
Денес, со „клетиот“ СДСМ и тоа како е подобро од време на неранимајкото Груевски. Минималната плата е покачена, на оние фамозно наставно-научни „емапципатори“ кои денес врескаат, платите има се покачени за 20%, на лекарите, докторите платите за 50 до 100% им се покачени. На пензионерите покачени им се пензиите. Во земјава владее слобода, плуралност. Никој не е избркан од работа, на никому не му фали влакно од главата. Не е сјајно, ама тоа што СДСМ го направи со Заев, а еве, гледам и Ковачевски оди по истиот пат, тоа, ќе ми простите е Коперникански преврат.
Од изолирана, раскарана и испљачкана земја, европскиот имиџ на пристојна и очовечена земја драматично е променет. Односно, од глупава и страшно тупава земја, Македонија за 180 степени го смени своето лице. Никој не вели дека оваа земја е Данска или Норвешка, ама од тоа што беше, и тоа што е денес, што би рекол Тома Здравкович, „ми смо два света различита“.
Море, навистина се лоши овие од СДСМ. Дај да ги вратиме оние другите, тамо барем се знаеше: ем те крадат, ем те тепаат, ем ги гласаш како забудален. Доста ни беше „нормалност“, време е повторно да полудиме и да се вратиме вечно на исто. Ама, сепак, ако мене ме прашате, јас не би ги менувал, барем не до оној момент додека не видам подобри од оние кои ми се пикаат во фаца и ми велат дека можат да бидат алтернатива на СДСМ. Оти вистината е дека не можат.
Ненад Јовановиќ