Кривичниот суд во Скопје завчера ја изрече првостепената пресуда за екс ВД директорот на Централниот регистар, Андреа Поповски, и го осуди на условна казна затвор во времетраење во две години, ако во следните пет години не направи ново кривично дело.
Информацијата за Фронтлајн ја потврдија од Основниот кривичен суд Скопје:
Ве известуваме дека за наведениот предмет е донесена неправосилна, првостепена пресуда, на јавна седница со која обвинетиот А.П. е огласен за виновен за кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластување по чл. 353 ст.3 в.в. со ст.1 од КЗ и е осуден на казна со двоен услов, односно Условна осуда од 2 години затвор доколку во следните 5 години стори ново кривично дело за услов од 1 година да ја врати сумата што е утврдена како штета. За останатите тројца обвинети, согласно изведените докази, судот донесе ослободителна постапка. Против оваа неправосилна пресуда странките имаат право на жалба до Апелациониот суд Скопје.
Поповски е осуден бидејќи ги злоупотребил службената положба и овластување, дело за кое што го обвини Скопското обвинителство. Според судот, директорот овозможил вработена во Централниот регистар да биде фиктивно регистрирана како присутна на работното место, со што го оштетил државниот буџет.
Според обвинението, директорот преку подредените во ЦР овозможил едно лице да не се појавува на своето работно место поради ангажман и работа во политичката партија ВМРО – ДПМНЕ. За тоа време, тоа лице добивала плата од ЦР.
Останатите три обвинети, кои се вработени во Централниот регистар, обвинителството ги товареше за истото дело, но судот ги ослободи од обвинение.
Според судечкиот совет, ОЈО не докажало дека овие обвинети го сториле делото за кое ги товареше.
Случајот го иницирала внатрешната ревизија во институцијата, по пријава од една од обвинетите, која заедно со другите две обвинети, со првостепената пресуда се ослободени од обвинение.
Пријавата за постапката на директорот ја иницирала токму една од обвинетите, која обвинителството сепак решило да ја седне на обвинителна клупа. Сепак, според судот, таа е ослободена од одговорност.
Обвинетиот директор се бранел дека ги почитувал Законот за административни службеници, Законот за работни односи и Статутот на институцијата и дека приложиле докази дека работничката одела на работа.
Според одбраната, со ова се испраќа порака до јавноста да се пријавува секое незаконско постапување во институциите и судот правилно постапил што донел ослободителна пресуда за останатите обвинети.
Предметот го работеше и Финансиската полиција, а потоа Скопското обвинителство.
По приемот на пресудата, странките имаат право на жалба до Апелацискиот суд во Скопје.
И. Т. З.





