Андреас Трајковски е наш атлетичар, роден во Данска. Неговите најдобри резултати се во скок во далечина и во трчање на 100 м. и 200 м. Неодамна беше одобрено неговото барање во иднина да настапува како македонски атлетичар.
Неговиот прв настап со македонски дрес беше денес на меѓународниот атлетски митинг во Лимасол, Кипар. Во дисциплината Скок во далечина тој постигна нов македонски рекорд со резултат од 7 метри и 41 сантиметар и со тој резултат го подобри стариот државен рекорд за 26 сантиметри. Претходниот државен рекорд од 7.15 м. беше постигнат од Зоран Тасевски уште во 1976 г., а потоа истата далечина ја прескокнаа уште и Тони Дамчевски во 1995 г. и Славчо Мирчевски во 2015 година.
Новопечениот македонски репрезентативец Андреас Трајковски позади себе има многу подобри резултати од денешниот, па со право можеме да очекуваме уште многу нови рекорди. Трајковски во сала има прескокнато 7.87 метри, а минатата година негово најдобро достигнување на отворено беше 7.83 метри. Со тој резултат, кога би настапувал во финалето на последните Олимписки игри, Трајковски би завршил во најдобрите 10.
Следниот настап на Андреас Трајковски ќе биде веќе следната недела, на силниот турнир во Солун, Грција.
Ацо Лукароски